ЦУК: Во Струмичкиот регион состојбата е стабилизирана, опаѓа водостојот на реките

by irena 14:23
14:23

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 13 часот за Скопје не се пристигнати пријави за штети предизвикани од врнежите дожд. Состојбата е редовна и континуирано се следи.

Во Струмички регион состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување.

Поради дождот, во Штипскиот регион зачестени се одрони и свлечишта на патните правци Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. Во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема опасност од излевање на реките. во општините Крива Паланка и Ранковце нивото на Крива Река е зголемено, но нема излевање и пријавени штети, додека во Општина Кратово нема штети, а зголемените водостоји на Кратовска и Крива Река се во рамки на коритата.

Според ЦУК, во општините Битола, Новаци, Могила, Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Демир Хисар не се пријавени штети од врнежите, додека во општина Крушево нивото на реката Црна кај село Бучин е покачено, но стабилно и без опасност од излевање.

На подрачјето на РЦУК Охрид состојбата е мирна, без врнежи од дожд и без пријавени штети.

-На подрачјето на РЦУК Тетово состојбата е мирна, без врнежи од дожд и без пријавени штети. Во општините Велес, Неготино, Кавадарци, Свети Николе и Лозово состојбата е стабилна и нема опасност од излевање на реките. Во ридско-планинските делови на општина Кавадарци има нови врнежи од снег. ЈП „Комуналец“ со две возила интервенира на критичните патни правци. На патниот правец Кавадарци – Мушов Гроб – Мајдан има одрони кај месноста Катуниште, каде ЈП „Македонија пат“ врши расчистување. Сите патишта се проодни. Од браната „Мавровица“ продолжува прелевање на вода од 2 см над максималната кота, без опасност од излевање и загрозување на околината, наведува ЦУК.

Според информациите од Општина Струмица, поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино.

Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации.

Слични вести