Во земјава до синоќа беа активни осум шумски пожари, а останатите се делумно локализирани. Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи преку системот НИКС, кој ги дигитализира сите податоци од терен, од вчера раководи со справувањето со шумските пожари.
-Преку овој систем имаме просторно прикажување на ситуацијата на терен односно, членовите на Главниот штаб на едно место на екран ги гледаат сите податоци, гледаат на кои места имаме активен пожар, гледаат каков е неговиот интензитет, каде има изгаснат пожар, за којшто постои можност повторно да се реактивира. Сите податоци од терен ги имаме на едно место, појаснуваат тие.
Според информацијата сите села во чија близина беснеат пожари се обезбедени, местата се изорани и направена е тампон зона преку која пожарот не може да премине. На линијата се поставени цистерни доколку пожарот премине од другата страна на тампон зоната да можат да дејствуваат и да не биде загрозено селото.
Активен пожар има и во Општина Сарај близу селата Раовиќ и Буковиќ, како и во Општина Петровец кај селото Дивје на месноста викана Крушје, кој беше ставен под контрола, но повторно се прошири. Повторно е активен и пожарот во Општина Чашка, кај село Владиовци, кој вчера беше локализиран во утринските часови, меѓутоа во 13.30 часот повторно се активираше.
Вчера попладне избувна пожар и во селото Герман во Општина Ранковце, но делумно е ставен под контрола. Под контрола е и пожарот во штипските села Драгоево и Селце, иако на одредени места има појава на чадење. Вчера попладне се појавија пожари и во велешките села Којница, Крајница и Извор каде гори нискостеблеста мешана шума, како и во кочанско Костин Дол, но тие се држат под контрола и нема опасност да се прошират.