Цистерната со плин која беше превртена вчера во 9:30 часот во близина на битолското село Вашарејца ќе се отстранува денеска поради немање соодветна механизација, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„РЦУК Битола извести дека вчера во 9:30 часот добиена е информација за превртена цистерна со плин во близина на битолското село Вашарејца. На терен интервенирале комбинирано пожарникарите од ТППЕ Битола со четворица пожарникари и едно противпожарно возило, МВР – СВР Битола и Итна медицинска помош – Битола. Возачот на камионот бил лесно повреден и е пренесен во Клиничката болница во Битола“, се наведува во соопштението.
Во последното деноноќие, како што информираат од ЦУК, имало вкупно 1 988 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 45,62 отсто, а 54,38 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.