ЦУК: Изгаснати сите пожари што избувнаа вчера

by Fokus

Центарот за управување со кризи известува дека вчера имало вкупно 28 пожари на отворен простор и дека сите се изгаснати.

“Нема активни пожари од вчерашните. Сите 28 пожари од вчера се изгаснати, при што последен и најдолготраен бил пожарот веднаш над селото Смоларе, на планината Беласица, којшто можел да прерасне во опасен и по шумата, а и по селото“, известија од ЦУК.

 

Според ЦУК шумскиот пожар до горниот дел од с. Смоларе, каде што во близина имало и борова шума што лесно можело да биде зафатена можел да го загрози селото, ако на време не бил детектиран дека се разгорува во неколку наврати и да биде локализиран и гасен.

„Пожарот започнат по гром, поточно молња удрила во суво стебло од костен, по што и започнал на крајот од денот при стемнување. Од страна на локалната месна заедница веднаш бил пријавен на бројот за итни случаи во ЦУК. Пожарникарите брзо интервенирале и го локализирале до ноќните часови, но по 21 часот повторно се појавиле чад, а потоа и активно горење, па пожарот потпомогнат од послаб ветер почнал да се разгорува“, соопшти ЦУК.

Мештаните активно се самоорганизирале преку локалната месна заедница да дежураат и до доцна во ноќта го гаселе и го локализирале, а потоа, кога тоа било можно, утрово, со помош на тим од ЈП „Национални шуми“, повторно го доизгасувале по што целосно го изгасиле.

„Мештаните изразија благодарност на пожарникарите од Струмица и на тимот од локалната подружница на ЈП ‘Национални шуми’, а и на РЦУК Струмица, за нивниот ангажман и за советите за безбедност при гаснењето на пожарот“, велат од ЦУК.

 

Поврзани новости