Човекот кој пукаше во воздух кај Скендербег за време на протестниот марш на противниците на фрнацускиот предлог, Јусуф Енези познат како Цуфи Кока пред судот признал вика и кажал дека демонстрантите претходниот ден пред инцидентот му ги искршиле стаклата на возилата и хотелот, а дента кога се случи инцидентот, фрлале кон него и други луѓе на плоштадот.
Од Кривичниот суд за „Фокус“ објаснуваат дека Кока бил осуден на четири месеци затвор пред два дена, односно на 20 јули на рочиште на коешто признал вина и бил огласен за виновен за кривичното дело Предизвикување општа опасност од член 288 став 3 в.в. со став 1 од Кривичниот Законик.
-При одредување на видот и одмерување на висината на казната, судот ги имаше во предвид сите околности од чл.39 од КЗ, кои се од влијание за индивидуализација на санкцијата.
Како олеснителни околности судот ги ценеше личните прилики на обвинетиот, пред се неговата возраст, да истиот е млада личност роден 1982 година, воедно ги ценеше и материјалната и социјалната положба на обвинетиот, околноста дека тој е вработен, женет, и татко на две деца, а особено ги имаше предвид околностите дека обвинетиот во целост го призна сторувањето на кривичното дело со што придонесе до побрзо и поефикасно завршување на постапката, околноста дека обвинетиот досега е неосудуван, дека против обвинетиот не се води постапка за друго кривично дело, дека обвинетиот изрази каење за стореното кривично дело и неговото коректно однесување во текот на постапката, велат од Кривечен за „Фокус“.
Кока пред судот го признал кривичното дело и кажал дека претходниот ден, пред инцидентот, демонстрантите му ги искршиле возилата на паркингот пред неговиот хотел Де Кока, а биле и скршени стаклата од предната врата од хотелот.
Тој лично видел дека демонстрантите ги искршиле со бекатон плочки, чекани и стаклени шишиња.
Кока и наредниот ден бил на работа, и видел дека истите лица од протестот почнале да фрлаат по сите луѓе на плоштадот, почнале да се приближуваат да влезат накај чаршија, тоа се гледало и на камерите дека биле многу луѓе, во рацете имале молотови коктели, бекатон плочки, шишиња, и почнале да фрлаат према секој човек што бил таму, а фрлале и према хотелот и кон него.
Обвинителството го гонеше Кока бидејќи на 6 јули на платото пред плоштадот „Скендербег“, со пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9×19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на протестот, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух.
Негова фотографија потоа објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и тврдеше дека тоа лице требало да го убие него.
Инаку, Цуфи Кока е член на Алијанса на Албанците и брат на сега веќе поранешниот в.д. директорот на „Комунална хигиена“, Зуди Енузи, кој по инцидентот беше разрешен од градоначалничката Данела Арсовска.
Ф.Ф.С.