Иницијативата „Мини Шенген“ е добра за граѓаните и економската интеграција во целиот регион на Западен Балкан (ЗБ), но некои земји не учествуваат заради суетата и сметаат дека е тоа е врзување за Белград, оценија на „Копаоник бизнис форумот“ поранешни високи официјални претставници на земјите на Западен Балкан.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, на специјалниот настан „Визија на Западен Балкан до 2030 година“, само поранешниот претседател на Црна Гора Филип Вујановиќ изјави дека иницијативата „Мини Шенген“ е погрешна терминолошки, како и дека регионалната интеграција може да се постигне само доколку учествуваат сите шест земји од регионот.
– Чинот е добар, но начинот е лош. Тоа е идеја што е „нарушена“ при создавањето на нешто што им е потребно на сите, изјави Вујановиќ.
Поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски, на дебатата праша дали постои барем една рационална причина зошто граѓаните од регионот не би патувале поевтино, полесно би се вработувале и занимавале со бизнис.
-Оваа иницијатива треба да создаде една структура како дел од европските интеграции. Без оглед на тоа што мислиме, да сме лидери на регионот, ние мора да разбереме, од гледна точка на Брисел, Берлин, Париз, дека при градење на долгорочна стратегија, таа се прави за ЗБ, а не за одделни земји, кажа Црвенковски.
Тој посочи дека 10 години пред потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, ЕУ и давала препораки на Македонија, дека земјата не може да ги започне преговорите со ЕУ сè додека не се реши спорот со Грција.
-Тогаш беше направен горчлив и тежок компромис и кога тоа се случи, настана горчлив шок, изјави Црвенковски.
Тој посочи дека ова предизвика големо разочарување кај граѓаните, што го поткопа кредибилитетот на властите и е причината што наскоро во Северна Македонија ќе се одржат предвремени избори.
-Се испостави дека ЕУ не држи до својот збор и не ги исполнува своите ветувања, истакна тој, додавајќи дека тоа испраќа лош сигнал за решавање на други отворени и тешки прашања како што е односот меѓу Белград и Приштина, но и структурата на власта во БиХ.
Посочи дека сега се говори оти ЕУ е нефункционална во донесувањето одлуки и дека проширувањето сето ова само би го искомплицирало.
-Без оглед на ставот на ЕУ, што ќе одлучи, дали местото на Западен Балкан е во ЕУ, ние мора да продолжиме со реформите и да го продолжиме европскиот курс за доброто на граѓаните и нивната иднина, оцени Црвенковски.
Поранешниот член на претседателството на БиХ, Младен Иваниќ, на дебатата оцени дека односите во регионот не се добри, а за иницијативата „Мини Шенген“ кажа дека „едноставно некои земји во регионот не ја сакаат, дека се навредени и сметаат дека тоа е врзување за Белград“.
Иваниќ изјави дека ЕУ не е искрена кога вели дека перспективата на ЗБ е во Европа.
-По Хрватска со децении нема да има проширување на ЕУ и тоа што се случува со Северна Македонија зборува за тоа. Јас сум реален и постои критика кон новите членки на ЕУ, заклучи Иваниќ.
Поранешниот министер за надворешни работи на СРЈ и Србија и Црна Гора, Горан Свилановиќ, истакна дека процесот на „Мини Шенген“ е добар и сите треба да се вклучат во него.
Свилановиќ истакна дека има силни сигнали за поголемо разбирање и дека е неопходно воспоставување на регионална економска соработка, поради што иницијативата „Мини Шенген“ е добра и ги зајакнува економските врски.
Албанскиот претседтел од 2002 до 2007 година, Алфред Мојсиу, коментирајќи ја иницијативата „Мини Шенген“, кажа дека тоа е само „едно големо име, што предизвика одредена дискусија и критика“.
Мојсиу истакна дека иницијативата опфаќа многу од проблемите со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и оти затоа во регионот има потреба да се воведе „Мини Шенген“ со цел да се поврзат толку многу граници во регион кој има околу 20 милиони луѓе.