Не само на самун ем татлија, туку повелете и на жешка ракија – вели градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, по повод општинската манифестација која ќе започне денес, а ќе трае до недела.
Вечерва, настанот ќе биде отворен во 17 часот, по што ќе следуваат настапи на повеќе музичари од земјава, а како главни музички ѕвезди точно на полноќ ќе настапат ,,Црвена јабука”.
Конзулов вели дека очекува гости од пет држави и како верува дека годинава манифестацијата ќе биде една од најпосетените. Новитет е тоа што наместо на старта локација, во центарот на градот, ќе се случува на површина од околу 4.000 метри квадратни, на паркинг крај автобуската станица.
-Имаме 16 производители на специјалитетот на градот, самунот, и по нивно барање беше променета локацијата, бидејќи бараа повеќе простор. Значи, ќе имаме 16 штандови, очекуваме масовна посетеност. Ова е наш традиционален настан кој привлекува многу гости, и јас на шега велам дека покрај специјалитетите на градот, самунот и татлијата, треба да се воведе и жешката, односно греана ракија, која овде е доста омилена, секако, ако граѓаните прифатат – раскажува градоначалникот.
Околу изборот на гостите, вели дека ги сака песните на ,,Црвена јабука” и со задоволство ќе го следи нивниот концерт. Сепак, доколку тој би се прашувал за изборот на музичарите, без двоумење би го одбрал Мишо Ковач да им пее на гостите.
-Имаме организатори кои се задолжени за музичкиот дел од програмата, тие одлучија кои ќе бидат музичките гости. Ги знам песните на ,,Црвена јабука”, ќе ги пејам заедно со публиката вечерва, но да бидам искрен, многу би сакал да ни дојде Мишо Ковач на настап во Радовиш. Тој ми е омилен пејач – вели Канзуров.
Покрај ,,Црвена јабука” вечерва, закажани се настапи и на фолклорни групи, кои ќе се претстават утре и во недела, но и наши музичари. ,,Куку леле”, ,,Тропико бенд”, Александар Тарабунов, Жаре Бербер, ,,Синтезис” и многу други музички имиња се дел од програмата на манифестацијата.
Вики Клинчарова