Легендарниот бенд „Црвена јабука” кој опстојува повеќе од четири децении, на 25-ти март ќе го одржи концертот насловен „Nekako s proljeca“ во Македонската филхармонија во Скопје, со почеток од 20 часот. Бендот пред две недели одржа спектакуларен концерт во Арена Загреб, а поради ризницата од евергрини кои се популарни со децении наназад во сите поранешни Југословенски републики, речиси и да немаат слободен викенд.
Редовно настапуваат во регионот, а нивните концерти се познати по добрата атмосфера, но и по тоа што евергрините им ги пеат во еден глас посетителите од сите генерации. Во Македонија, Јабука изминатиот период гостуваше во неколку локали, но одржа и два концерти во склоп на општински манифестации, во Крива Паланка и Неготино.
За време на нивното гостување, во општините се рушеа рекорди на посетеност, бидејќи доаѓаа гости и од околните општини. Од Авалон Продукција информираат дека влезниците за интимниот концерт на Јабука ќе бидат пуштени во продажба на 9-ти март. Цените се движат од 1.000 до 1.500 денари за ВИП.
Вики Клинчарова