Европската мрежа на метеоролошки станици за утре објави црвен метео аларм на подрачјето на јужна и централна Црна Гора, каде се очекуваат екстремни временски непогоди.
Црвениот аларм е објавен поради многу силни ветрови, кои се очекуваат во поголемиот дел на Црна Гора.
Прогнозираните опасни временски појави се јавуваат исклучително ретко, а таквиот интензитет може да предизвика голема материјална штета и претставува опасност за луѓето и животните.
Најавеното невреме, дожд и силен ветер пристигнаа во Србија, првично во Војводина, од каде ќе се прошири и во останатите делови од земјата, а од утре се очекува големо намалување на температурите, кои во некои места ќе достигнат дури разлика од 15 степени во однос на претходните денови.
Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) во Белград издаде предупредување дека во текот на ноќта и утре ќе биде многу студено и ветровито, со повремено создавање на снежна покривка од пет до 20 сантиметри во централните и јужните делови на Србија.
Силен студен ветер денеска попладне ја зафати и Унгарија, корнеше дрвја, кршеше гранки и оштети далноводи. Пожарникарските служби во земјата примиле повеќе од 100 повици на граѓани кои пријавиле штета причинета од бурата, но засега нема информација за повредени лица.
Уништена е патната сигнализицаија на неколку места, а најтешка била ситуацијата во северниот дел на земјата и во Будимпешта. Во главниот град на Унгарија е издадено предупредување од втор степен поради силните ветрови.