На 27-та редовна седница на Советот на Општина Неготино, градоначалникот Тони Делков доби интересен подарок. Имено, советникот Зоран Стојанов од редовите на ВМРО ДПМНЕ излезе на говорницата, носејќи со себе црвен будилник и кафе, како симболика администрацијата конечно да се разбуди и да се разработи. Бидејќи Делков не присуствуваше на седницата, Стојанов му го остави на неговото празно место во салата.
-Колеги, мислам дека работите стануваат веќе смешка. Се смеат луѓето по цел град, само ме прашуваат за извештаите. Мислам дека не заслужуваме да бидеме тема за шеги низ градот. Ќе ве молам општината да си ја сфати сериозно работата, градоначалникот, претседателот на Советот, ние како советници, не знам зошто не ги сфаќаме сериозно работите.
Така е сомнителна работата, дали има нешто кое не треба да го знаеме, не го знам тоа. Еве, денес е празник, јас на градоначалникот ќе му дадам еден поклон. Ова е будилник, да си ја разбуди администрацијата, ова е кафе, да им свари по едно кафе, и ќе го молам да почнеме да работиме – порача Стојанов од говорницата и го остави подарокот на празното место на градоначалникот.
Советниците од ВМРО ДПМНЕ обвинија дека веќе трета седница по ред бараат финансов извештај за завршната сметка.
Порачаа истиот да го добијат на наредната седница, во спротивно до сите релевантни институции ќе поднеле барање да го добијат извештајот, за да видат точно каде се трошат парите на граѓаните.
Реагираа и поради тоа што за утрешниот Офф Фест каде главна ѕвезда е Саша Ковачевиќ се троши голема сума на пари, наменети за културата, односно 700.000 денари.
-Сметам дека првично предвидените средства за настанот, односно 150.000 денари се доволни за овој настан, одеднаш сега 700.000 денари за истиот настан, сметам дека се премногу и попаметно е да се предвидат и за други настани понатаму, отколку да се потрошат сите – изјави советникот Љупчо Пасинечки.
Диме Витанов, претседател на Советот им порача дека се е чисто, бидејќи поради откажаната прослава за празникот Свети Трифун, поради автобуската несреќа, останале доволно средства предвидени за настани од културата, кои се пренаменуваат за Офф Фест.
Во соопштението објавено на официјалната страница на општината, беше наведено дека во настанот се вклучиле и голем број на спонзори кои дополнително ќе бидат објавени, но се уште не е објавен ниту еден спонзор.
Останува непознато за граѓаните колку вкупно средства, покрај 700.000 денари од буџетот, ќе бидат потрошени за настанот, кој е еден вид на забава по повод завршувањето на учебната година.
Вики Клинчарова