Црногорските опозициски партии се договорија да формираат експертска влада

by fokus

Лидерите на коалициите „За иднината на Црна Гора“, „Мирот е нашата нација“ и „Црно-бело“, Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ, денеска се договорија за повеќе принципи врз кои ќе се темели идната црногорска Влада, која ќе вклучува формирање експертска влада, како и измена, дополнување и ревизија на дискриминаторските закони и подзаконски акти, вклучувајќи го и Законот за слобода на вероисповед.

Според заедничката изјава на лидерите, првиот договорен принцип е дека новата, демократска влада одговорно ќе ги спроведе сите меѓународни обврски.

Второ, како што се додава, е дека новата демократска влада ќе ги спроведе сите неопходни реформи со цел Црна Гора да стане членка на Европската унија што е можно побрзо.

Според Кривокапиќ, Бечиќ и Абазовиќ, новата, демократска влада ќе биде експертска, конституирана од експерти во специфични области, без оглед на нивните политички, верски, национални или какви било други карактеристики, пренесува „Вјести“.

„Четврто, новата влада ќе биде целосно посветена на почитување на Уставот и спроведување на законот, со измени, дополнувања и ревизии на сите дискриминаторски закони и подзаконски акти, вклучувајќи го и Законот за слобода на вероисповед“, се додава во соопштението.

Кривокапиќ, Бечиќ и Абазовиќ соопштија дека ќе им подадат рака на претставниците на малцинските народи со желба заеднички да изградат поубава и попросперитетна иднина за Црна Гора, јавува РТЦГ.

Поврзани новости