Откако пред два дена од ,,Лајка” алармираа дека во околината на Охрид се организираат борби со кучиња, и објавија фотографии од ринг, кучиња, но и луѓе, со апел полицијата веднаш да делува, повторно се актуелизираше темата околу овој црн ,,спорт” кој носи голем профит за организаторот, но никогаш не се интервенирало, и ниту еден учесник или организатор не бил казнет.
За борбите со кучиња, каде крајно нехуманото изживување врз животните се користи како брз начин за лесна заработка, пишувавме уште на почетокот на 2011 година. Во тој период, снимка од борба помеѓу кучиња од расата пит бул, снимена во охридско, се појави на социјалните мрежи. Се гледааа кучињата кои меѓусебно се борат до смрт, а се слушаше и навивањето на публиката.
Првичните информации беа дека постоеле цели архиви на снимени борби со кучиња, кои биле носени на преснимување на ДВД во охридско студио за свадби, и тогаш од здруженијата за заштита на животните јавно апелираа до полицијата да ги пронајде учесниците и организаторите, бидејќи има доволно траги.
Иако не се гледаа лицата на присутните на снимките, кои тогаш анонимно биле доставени на адресата на еден охридски портал, јавноста се надеваше дека надлежните служби ќе ги откријат организаторите на крвавите борби и ќе ги казнат според закон.
Пишувавме и за случаите од 2010 година, кога во скопско, но и во други општини беа пронајдени искасапени улични кучиња, на некои им беше одрана кожата, а на некои извадена утробата.
Тогаш од повеќе здруженија за заштита на животните ни изјавија дека зад грозоморните дела стојат луѓе од организацијата на борбите со кучиња, а уличните кучиња им служеле како жив плен на пит булите, со што ги стимулирале да раскинуваат и да убиваат, односно ги подготвувале за борба.
Во тој период имаше и голем број на пријави од сопственици на кучиња – пит бул, кои биле украдени од домовите. Многумина од нив се сомневаа дека кучињата им се украдени со цел да бидат обучувани за борби и сурово малтретирани.
-Јавна тајна е дека во Македонија се одржуваат борби со кучиња од кои организаторите добро профитираат! Борбите се одржуваат континуирано, но досега никогаш не е интервенирано од страна на полицијата или од Агенција за храна и ветеринарство, и ниту еден учесник или организатор на таков настан не е казнет и не одговарал според закон – алармираа од здружението за заштита на животните ,,Анима Мунди” уште пред 12 години по повод изложувањето на тешка агресија и борба до смрт на кучињата.
За црниот ,,спорт” кој им носи брзи пари на учесниците и организаторите, се шпекулира многу со години наназад, но никој не сака да се огласи јавно. Неофицијално, победата им носела на учесниците од неколку стотици, па се до неколку илјади евра. Се шпекулираше дека помеѓу обложувачите имало познати бизнисмени од охридските, тетовските и кумановските краеви.
По повторното актуелизирање на темата, и по објавата на ,,Лајка” од СВР Охрид се огласија дека во текот на октомври 2023 година, извршен бил разговор со Б.А.(45) од кичевското село Зајас, поради сомнение дека организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани.
Известен бил надлежен јавен обвинител и против организаторот ќе била поднесена соодветна пријава.
Исто така, од СВР Охрид апелираа до јавноста да се пријави секоја ваква појава, а официјално, немале доставено пријава за борби со кучиња.
Вики Клинчарова