И Груевски и Мијалков беа ставени на црна листа, па што со тоа? Никола се уште има највисок рејтинг од политичарите во Македонија, а Бебо си го ужива кешот што го “спечали” како шеф на ДБК. Нити пак ставањето на црната листа на САД по дифолт подразбира кривичен прогон за лицата кои се наоѓаат на таа листа.
Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ
Каков шок во Република Македонија, озлогласениот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко да ти бил вмешан во висока корупција. Уауу шок бранови на македонската политичка сцена, и пошироката јавност. Работава одела до таму да , како локален политички бос и семоќник Мерко да ти се мешал и во судски предмети. Јас па мислев дека од четиринаесет кривични пријави без никаков епилог, логички заклучок е дека е чист како солза!
Поради вмешаноста на Мерко во корупција, што беше општо познато во државичкава, американскиот Стејт департмент го смести Рамиз Мерко на црната листа, што подразбира своевидно прогласување за персона нон грата, односно Мерко и неговата фамилија, жена и три деца, немаат право на влез во САД, замрзнување на евентуално негов имот и сметки во САД.
И токму тука почнува заебот. Се е во ред што администрацијата на САД го таргетира Мерко како ултра корумприан, што и впрочем е. Редно е некој повисок авторитет тоа јасно и гласно да го каже, кога веќе нашите истражни органи немаат храброст да го гонат, а нашите политичари си шуруваат со него. Заев и лично се заложи за тој одново да стане крадоначалник, со што ја расипа калимерата со Алијанса на Албанците, бидејки без таа поддршка Зијадин Села ќе беше реизбран за градоначалник.
Но суштински, ова ама баш ништо нема да смени, нити за Рамиз нити за нас. Мендух Тачи и Љубе Бошковски се над дваесет години на црната листа на САД како противници на Охридскиот рамковен договор, па мува не ги лази. Не само што не ги лази, туку се и дел од владеачката коалиција. Иако се на чело на партии со минорно влијание, Тачи живее како крал, Љубе глуми некако советник.
И Груевски и Мијалков беа ставени на црна листа, па што со тоа? Никола се уште има највисок рејтинг од политичарите во Македонија, а Бебо си го ужива кешот што го “спечали” како шеф на ДБК. Нити пак ставањето на црната листа на САД по дифолт подразбира кривичен прогон за лицата кои се наоѓаат на таа листа.
Впрочем, и самиот премиер Димитар Ковачевски остана изнеанден и жив зачуден, како тоа било можно САД оддалечени илјадници километри да ја виделе корупцијата, а нашите истражни органи да не ја виделе. Види ти чудо! Но, секако на премиерот не му падна на памет да побара оставка од Мерко, тоа никако! Оставка не бара ни ДУИ од проста причина што Мерко нормално дека не дрпал само за себе, туку го полнел и чекмеџето на ДУИ, и така ем волкот сит ем овците на број.
Да бидеме реални, му чуе на Мерко за црната листа на САД. Максимално што може е да го притиснат да си даде оставка, ако и тоа бидне. Целата јавност знае дека нема да биде гонет и да лежи, како што не лежеа ни Бебо ни Никола. Преведувачот Арменд Нухиу со право се зеза на фејсбук дека да е на местото на Мерко нема да оди во САД туку ќе оди на Фиџи да си се лади.
Ова е лоповска држава, била и остала!