Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел потврди дека Црна Гора ги почитувала одлуките на Советот на ЕУ, кои се дел од осмиот пакет европски санкции против Русија. Покрај Црна Гора, оваа одлука на ЕУ ја поддржаа и Северна Македонија, Албанија, Украина, Босна и Херцеговина, Грузија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.
Предметните мерки беа усвоени како одговор на заканите за територијалниот интегритет на Украина и распоредувањето на руските вооружени сили, пренесува РТЦГ.
На 6 октомври, Европската Унија воведе нови трговски санкции кон Русија и го прошири списокот на лица на кои им замрзнува имот и забранува патување на територијата на ЕУ.
Санкциите, исто така, ја ограничуваат цената на руската нафта и им забрануваат на граѓаните на ЕУ да бидат во одборите на директори или управување со компании кои припаѓаат на руската држава.
Европските лидери рекоа дека новите мерки се одговор на ескалацијата на Русија во нејзината нелегална војна против Украина.
Санкциите вклучуваат целосно ембарго за увоз на руска сурова нафта по морски пат.
Осмата рунда санкции воведени од ЕУ од почетокот на руската агресија врз Украина на 24 февруари предвидува нова забрана за увоз во износ од седум милијарди евра со цел да се намалат приходите на Русија.
Според РСЕ, санкциите забрануваат увоз на производи од железо, машини и уреди, пластика, возила, текстил, чевли, кожа, керамика, одредени хемиски производи и накит кој не е од злато.
Целта на ограничувањата е да се намалат развојните способности на Русија во одбранбената индустрија и безбедноста.
Тие вклучуваат и забрана за извоз на јаглен, некои специфични електронски делови, технички производи за воздухопловната индустрија и одредени хемиски производи, како и забрана за извоз на мало оружје.
Исто така, на „црната листа“ на која сега има 1.300 имиња беа додадени 37 лица и субјекти, а имотот им беше замрзнат и им беше забранет престој во ЕУ.