„Црн петок“: Во цел свет е ден за најголеми попусти, кај нас ден за маркетинг измами

by Fokus

Во САД, колевката на ова шопинг лудило, се нудат вистински попусти на одредени производи со одредена количина и затоа купувачите се тепаат буквално пред маркетите.

Во Македонија трговиците нудат наводно големи попусти цела недела, а дополнително намалување на цените има денес, на „црниот петок“.

„Црниот петок“ кој секаде трае само еден ден, односно во последниот петок од ноември, направија „Црна недела“. Тоа е трик на македонските трговци за „Блек Фрајдеј“ откако ги открија купувачите дека не го нудат она што го ветиле и дека попустите се всушност минимални и на производи од постара генерација.

Во некои продавници намалувањето е и до 80 отсто, но само на флаерот. Во продавницата ќе начекате стар модел на телевизор кој е останат како последно парче или можеби е оштетен, а ако се работи за патики, тоа е модел стар најмалку три години кој до пред еден месец се нудел како „производ од нова сезона“.

– Сакав да купам патики во еден од големите продавници за спортска опрема. Ги следев цените на интернет затоа што досега нарачував онлајн и тоа што можев да го приметам е дека денешните цени на „црн петок“ се повисоки отколку попустите на крајот од октомври кога пак решив да го почекам денешниот ден надевајќи се на одлични попусти. Некои патики беа намалени, но за неколку денари или па стоеше само старата цена, но попустот беше истакнат во проценти – истакна купувач од Скопје.

Од Организацијата на потрошувачите на Македонија апелираат до купувачите да внимаваат и да не наседнуваат на маркетинг-триковите на трговците. Според Законот за заштита на потрошувачите, цената што важела пред 30 дена се зема како основа за попустот, а не попустот на цената што бил на почетокот на годината.

Според Организацијата на потрошувачи, попустите не смеат да бидат изразени само во проценти, туку покрај процентот треба да стои и намалената цена за да не се доведат купувачите во заблуда и да видат колкав е попустот.

Овие трикови на трговците не се недозволени, а по „црниот петок “обично цените се враќаат на старо. Оваа нефер трговска практика е казнива според новиот Закон за нефер трговски практики ако Државниот пазарен инспекторат утврди злоупотреби на терен.

О.К.

Поврзани новости