Црн петок на македонски начин: Тие не’ лажат, ние им веруваме!

by Fokus

Светски познатиот Црн петок, ден кога трговците ги намалуваат цените на производите, со цел да придобијат поголем број на купувачи, во земјава помина со многу најави, реклами и бомбастични ветувања за неверојатни попусти.

Но, во пракса и оваа година се покажа дека нашите трговци се далеку од она што ширум светот се подразбира под Црн петок, а багателните цени на производите традиционално, изостанаа. Во тек на вчерашниот ден најголема фреквенција на потрошувачи можеше да се забележи пред трговските центри.

Поради мноштвото народ, пред некои од  објектите дури имаше и сообраќајна полиција која ги регулираше возилата кои пристигаа од целата земја. Внатре, во продавниците, голем број на купувачи, а цените и ветените неверојатни попусти повторно изостанаа.

Она што беше забележително е дека годинава трговците повторно го употребија истиот трик, гардероба која пред неколку дена стоеше изложена на закачалките, вчера беше ставена во големи кошови, но цените на производите беа исти.

Со самата слика на гардероба на куп, кај потрошувачите се создава чувството дека е на голема распродажба, па многумина се туркаа и ги разграбуваа производите на кои освен начинот на кој се изложени, немаше друга промена, односно се продаваа по исти цени како претходните денови. Намалување на цените можеше да се забележи кај дел од летната градероба која трговците ја извадиле од магацините и на одредени продукти. Но сепак, не стануваше збор за големи попусти и покрај плакатите дека многу производи се на половина цена.

Сепак, фактот дека кај нас попустите не можат ниту приближно да се споредат со оние во Америка на пример, каде попуст од 70 проценти навистина значи попуст од 70 проценти, не ги поколеба купувачите да излезат во голем број. Поради гужвата и турканиците, забележително беше тоа што во повеќето продавници климите беа вклучени на ладење, со цел да ги освежат ревносните потрошувачи во потрага по евтини производи. И додека оние кои влегуваа во трговските центри беа возбудени со надеж дека ќе направат добар шопинг за малку пари, лицата на оние кои излегуваа не беа баш преполни со истата возбуда.

Со по некоја ќеса во рацете, колку да не се враќаат празни, многу потрошувачи потврдија дека не се задоволни од понуденото.

-Ама, кога веќе сме дошле овде, да потрошиме некој денар, штета е да не купиме ништо. Ист трик секоја година, ќе ти ги земат парите во уверување дека си направил добра зделка – ни раскажа жена од внатрешноста која специјално поради црниот петок дошла во Скопје во шопинг.

Но, покрај купувачите од внатрешноста, голем беше и бројот на купувачи и од Србија и Косово. Тие во долги колони чекаа ред пред менувачниците. И во продавниците редиците пред касите беа долги, имаше колони и од над триесет лица, но речиси сите во рацете држеа само по еден, два производи.

-Да се купи нешто, таков е денот – беше коментарот на некои.

Црниот петок традиционално започнал да се празнува во Америка во шеесетите години на минатиот век, а во последните години се прошири и кај нас.

Сепак, за разлика од САД, нашите потрошувачи сметаат дека кај нас овој термин повеќе прилега на добар маркетиншки трик, отколку на вистински багателен попуст, но и покрај тоа, народот традиционално паѓа на истиот трик секоја година и излегува масовно во трговските центри.

Вики Клинчарова

Поврзани новости