Црковен активизам на лажност

by fokus

Христијанството не е само работа на култура и традиција, но секако, е дел од неа, оти тоа неизбежно пораѓа традиција, обичаи итн., во онаа мера во која културата е „холистичка визија“ (систем како збир на елементи кои создаваат нови особини) за човекот и светот. „Целината е повеќе од збирот на нејзините делови“ – Аристотел. Поентата е дека религијата и културата, а и традициите произлезени од неа, се нераскинливо поврзани. Одвојувајќи се од културата и традицијата, Христијанството станува „клерикално“ (религија, а не живот). Секој обид Христијанството да се оддели од животот, во најмала рака, е далеку од вистината.

За жал, некои свештеници загазиле длабоко во радикална црковна „херменевтика“ и несвесно направиле замена на христијанската љубов со нешто сосема поинакво, би рекол банално. Медиокритетското сфаќање на дел од црковниот клир, овие денови, ме упатува на две помисли: или се работи за ситничарење и завист, или, пак, за црковен активизам на лажност.

Имено, еден таков говор за пештерите и божикните каланди што божем „не се во православен дух и се дел од западната култура!!!“ е сведоштво за тоа дека некои бродови полека тонат, та тешко оному што ќе следи или слуша вакви клирици.

Во врска со божикните каланди и „подготвување на пештерите со фигури“ (внатре во пештерите нема фигури, туку икони!), за што постојат текстови со солидно научно и теолошко објаснување, на социјалните мрежи некој свештеник, како спротиставеност го беше посочил 62 канон на Шестиот Вселенски Собор, со следниов текст:

/За (паганските) календи, и боти, и бурмалии/

„Таканаречените календи, и таканаречената бота, и наречените бурмалии, и панаѓурот што се одржува во првиот (ден) од месецот март, сакаме сето тоа целосно да се оттргне од живеењето на верниците… 

Овој канон има врска со каноните кои ги забрануваат театарските претстави и глумењето воопшто. Оттаму, секоја претстава, дури и кога има побожна и благочестива намера, бидејќи потсетува на паганските празнувања и ритуали, светите отци ја отфрлале како непотребна во животот на христијаните. 

Така, иако канонот не ги спомнува посебно Божикните календи, неговиот дух (на канонот) јасно го одразува противењето на сите видови претстави кои оддалечуваат од вистинската побожност.“

Точно, духот на канонот се противи на претстави кои оддалечуваат од вистинската побожност. Но со претставите кои имаат морално-поучен карактер, односно со божикните каланди и пештери, тоа воопшто не е случај – напротив, тие сведочат за Раѓањето Христово. Згора на тоа, кога зборуваме за некои работи од минатото, важен е контекстот и времето.

Во оваа погубна за човечкиот дух тенденција на расфрлање со осуди, нејзините протагонисти често се користат со селективно и анахроно наведување на одредени канони, правила, закони, цитати и сл. Во конкретниов пример имаме (зло)употреба на црковен канон, донесен во време кога сѐ уште имало класично поклонување на идолски статуи, кумири и сл. Значи, канонот зборува за конкретни иноверни настани (одржувани на 1 март – што значи немаат никаква врска со празникот Божик!), односно осилени театарски игри, кои во тоа време отворено му се спротивставувале и потсмевале на Христијанството, ќе нагласам: во тоа време!

Поради тоа, црковното правило ги истакнува како недозволиви за Христијаните ваквите потсмевања и хули, но не и самиот театар! (особено тоа е небулоза во денешно време) – кој неретко, како силна културна традиција, има за цел да ги приближи луѓето кон вистинските морални и духовни вредности.

Впрочем, сведоштво за таа културна и вредносна димензија на театарот наоѓаме во вековната славјанска (и византиска) традиција, поддржана од Црквата, пред или за Божик, да се поставуваат театарски сцени, кои ја претставувале самата Витлеемска пештера. Всушност, тоа е обид да се раскаже Евангелието на пошироките културни маси за и тие духовно и морално да му се приближат на празникот. За ваквата традиција, во научната литература постојат бројни истражувања и реферати, па кој сака може да се образува.

За разлика од некои современи „егзегети“, коишто наместо да ја истакнуваат широчината, разумноста и универзалноста на автентичното христијанско учење, тие ја претвораат црквата во ретроградна инквизиторска институција – крајно неприфатлива за современиот млад човек, големите Отци на Црквата пленуваат со своите познавања на античката литература (вклучително и драмската!) и култура и уште повеќе – со својата разборитост и умешност да ги имплементираат тие познавања во своите дела, со цел да ги објаснат догматите и учењата на Црквата, но и да го приведат човекот кон богопознание, а не кон осуда.

Тие се одликуваат со длабоко познавање на античкиот театар, а во своите списи користат и цитати од класичната литература, од кои голем дел се позајмици од поетите на трагедијата. Дури и писателите на Новиот Завет се ползуваат со стихови од класичната драма и поезија. Да ги осудиме ли и нив дека го прекршуваат наведениот канон? Отците се борат против старата нехристијанска религија, но истовремено ги почитуваат древните автори. Тие користат извадоци од трагедии и комедии за проектирање морални вредности, кои се исти или ги поткрепуваат вредностите на Христијанството.

За вертепот, пак, како појава во нашата култура, да не ни отвораме тема. Тој е длабоко вкоренет во источната православна традиција, а следствено и во македонската, и за тоа постојат бројни сведоштва, и научни етнолошки и фолклорни истражувања. И кога некој веќе пишува што е правилно, а што – не, ме чуди само едно: Зошто не излезе со осуда или коментар за бадниковите тетеравенки или т.н. „бадникарска манифестација“ со пијанчење во пресрет на Рождеството Христово? Е тоа е еклатантен пример на спротивност на посичениот канон.

Неиздржаната хула против пештерите (и театарот) и ретроградниот и анахрон пристап на клирикот во целост, лично мене не ми значи ништо; за среќа, и во црквата има луѓе кои ги читаат каноните и списите, не за да фрлаат дрвја и камења по други, туку за да ги облагородуваат и охристовуваат другите. Во овој контекст, мене баш многу ми се допаѓа божикното расположение и украсувањето со пештери во црквите и пеењето на божикни традиционални каланди, па затоа посакав да го срочам овој коментар, оти кај поголемиот дел од луѓето, ако ништо друго, таквите невоздржани изблици на осуда и незнаење само го расипуваат духовниот слух, смислата за убавото и доброто расположение пред Божик.

И уште нешто. Додека читам вакви текстови, размислувам колкав дел од црквата – чудно и мистериозно, се оддалечува од суштината на верата, љубовта, како и од човечноста на луѓето – поточно од оние кои се „помалку“ православни од овие „вистински православци“. Навистина, читам само сомничавост кон „другиот и другоста“! Нешто сосема туѓо на Христијанството. Претворање на верата во „табу“ и недостапност, и со самото тоа парадоксално натурализирање на верата како недостижна, како нешто што бара очистување, на пример, од театарот (како што се вели во коментарот), нема слух за апсолутната едноставност на Божествениот повик од Светата Литургија: „Земете и видете…“ – едноставност и смиреност, која сама по себе ја одразува суштината на сѐ.

Оваа денешна хипокризија на општеството, за жал, е составен дел и од црквата. Тоа е кога “професионалната” религија ќе стане имуна на своите основни барања: љубов, милост, трпение итн. Можеби таа е цената која мора да ја платиме за вековната замена на Христос со христијаните, за христијанството без Христа!?

На крај, јас коментирам како што знам и умеам, но не знам до кого ќе допре она што се обидувам да го кажам. Чинам, зилотските дефиниции за „гревот и праведноста“ – божем под „закрилата“ на нашето православно искуство, раѓаат едно отсуство од современиот човек, или религија сама за себе по маргините, без притоа да партиципира во животот на верните. Ми се чини дека никој во овој свет веќе не сака да дише чист воздух – да го дише слободно, со радост и љубов. Радост, а не – жртва и правила!

Радувајте се, Христос се роди!

М-р Влатко Деловски – етнолог и културолог

 

Поврзани новости