ЦО на СДСМ: Работна група ќе ги продолжи разговорите со ВМРО за уставни измени

by Фокус

Централниот одбор на СДСМ оцени дека е добро што на средбата со опозициската ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент за иднината на државата, истакна по седницата портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

-СДСМ уште еднаш покажа државнички капацитет и понуди рака за отворен дијалог. Пред земјата и граѓаните е историска шанса за продолжување на историскиот пат и воспоставениот дијалог може да придонесе кон носење одлуки за европската иднина на земјата и доброто на граѓаните. Остварувањето на генерацискиот сон е во рацете на политичките партии – рече таа.

Кузеска го поздрави, како што рече, првиот чекор што го направи Христијан Мицкоски со прифаќањето на уставните измени.

-ЦО на СДСМ оценува дека сето ова е добра основа за продолжување на дијалогот со сите парламентарни политички партии. Врз основа на заклучоците, ЦО на СДСМ, донесе одлука за формирање на работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за операционализација на следните конкретни чекори – информира Кузеска.

Работната група ќе ја предводи генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ.

Поврзани новости