Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја одржал својата редовна седница во Велес, на која се дискутирало за актуелните политички случувања во државата, при што биле донесени два заклучоци.
Првиот заклучок е дека Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува атакот и загрозувањето на безбедноста на пратеникот Петар Ристески изразен преку палење на неговиот автомобил, како и палењето на автомобилот на началничката на секторот за урбанизам во општина Прилеп.
-Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ бара подитно да бидат изведени пред лицето на правдата не само сторителите туку и организаторите на тој дрзок и криминален чин, а кои се наоѓаат во врвот на власт, да не се замајува јавноста со периферни ликови кои треба да служат за алиби и одолговлекување на вниманието од вистинските сторители и инспиратори, велат од партијата.
Како втор заклучок, Централниот Комитет дава целосна и силна поддршка на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во нивната одлука да се спротистават на Уставните измени како еден од најзначајните механизми на спречување на процесот на идентитетско обезличување и асимилација кои ги прифати антимакедонска власт на предавникот Ковачевски, информираат преку соопштение од партијата.
Синоќа партијата на Извршниот комитет донесе одлука за иницијативата за референдумско изјаснување, со што беше потврден ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој неколку дена претходно прв ја иницираше можноста за собирање потписи за референдум.
Во вечерашното соопштение не пишува за тоа дали Централниот Комитет дебатирал за иницијативата за одржување референдум за прифаќањето на преговарачката рамка заедно со билатералниот договор со Бугарија.