Имајќи предвид дека бројот на новозаболени од коронавирусот е во пораст, Цивил ја повикува Владата да донесе одлука за целосна забрана за работа во текот на полицискиот час за време на продолжениот празничен викенд.
Бројот на случаи на заразени од коронавирусот е во пораст токму меѓу работниците во приватниот сектор, особено во текстилната индустрија. Цивил преку соопштение ја повикува Владата да донесе строга забрана за работа во Штип, но и во други општини (Скопје, Куманово, Тетово) каде што се бележи пораст на бројот на заболените од коронавирусот.
Како што се наведува во соопштението, Цивил во целост го поддржува предлогот на градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, кој побара забрана за работа во текстилните погони.
-Веруваме дека и други градоначалници ќе ја согледаат потребата од ваква забрана и дополнителни мерки за заштита, со што ќе се придонесе кон заштита од ширење на коронавирусот и негово целосно излегување од контрола. И покрај тоа што беше најавено привремено затворање на неколку текстилни фабрики во Штип и беше упатен апел за задолжителна самоизолација на вработените во овие конфекции, ризикот сѐ уште е висок, со оглед на фактот дека важат дозволите за работа за време на полициски час, посочуваат од Цивил.
Невладината организација ги повикува властите, особено МВР и инспекциските служби, да ги засилат напорите за максимално почитување на мерките и ограничувањата кои имаат цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Истовремено, Цивил бара доследно почитување на човековите права и слободи, на начин што во ниеден случај нема да бидат пречекорени или злоупотребени овластувањата на службените лица во текот на спроведувањето на мерките.