ЦИВИЛ – Центар за слобода остро ги осудува говорот на омразата од сите политички субјекти и поединци, организирани или неорганизирани групи, како и заканите по животот на премиерот Зоран Заев и другите политички лидери што во своја видео порака ги објави лице што се претставува како лидер на организацијата Христијанско братство, Жарко Трајановски.
Христијанското братство е една од организациите, блиска до радикалните групации што протестираа против Преспанскиот договор и Законот за јазици, а дел од нив се и членови на партиите од десниот политички блок што ги водеа протестите кои кулминираа со нападот врз Собранието на 27 април 2017 година. Нивни „почесни гости“ на протестите беа Јанко Бачев, Стевче Јакимовски и повеќето други познати и помалку познати радикали. По неколку месечен молк, Христијанско братство се појави преку својот гласноговорник Трајановски. Наводно, нивното „повлекување“ од јавноста било поради анализирање на „глупостите на политичарите“.
Повод за видеото е притворот на еден од нивните членови, Тони Митрески – Северот, поради напад на службено лице на службена должност. Тоа лице, според Фејсбук обраќањето на Трајановски, само го бранело Уставот, додека останатите се криеле.
Во ова видео, ЦИВИЛ констатира говор на омраза и отворени закани по животот на Премиерот Зоран Заев, но и кон други, неименувани претставници на власта и „сите политички лидери“.
„Немојте во ниеден случај да си играте со Христијанското братство. Ви велам и стојам на нештото што го зборам. Заев, два пати те имав во рака, двапати намерно те пуштив. Немој да ми чепкаш ни еден од моите браќа по вера… Двапати те пуштив, ако не ми веруваш, прашај ги твоите луѓе во УБК. Првпат во Македонски Брод, вториот пат во Јасен и Козјак… Два пати имав прилика да ја запалам Македонија, но се повлеков затоа што дадов збор: На Македонец пушка не дигам… Немој на ниеден мој човек, брат по вера, заколнат на свето место, да си му пуштил пријава и да му се силиш дека ќе го казниш или, не дај боже, да го затвориш… Жими еден крст и вера ќе ве снема и тебе и СДСМ и ДПМНЕ и сите лидери во Македонија… Јас сум Жарко Трјановски. Момче, ти си предавник!“, е дел од говорот што е објавен на Фејсбук страницата на Христијанското братство.
Останува отворено прашањето, дали на УБК навистина им биле познати плановите за ликвидација на премиерот Зоран Заев и други политички лидери. Освен тоа што треба да се очекува полициско-правна разврска на овој случај, институциите треба да одговорат и на прашањето колку овие закани се сериозни и зошто до сега не се преземени соодветни безбедносни мерки – стои во реакцијата на ЦИВИЛ.