ЦИВИЛ со 284 акредитирани набљудувачи за вториот круг на Локалните избори 2021

by Fokus

На 31 октомври целосниот состав на набљудувачите на мониторинг структурата на ЦИВИЛ ќе биде ставена повторно во функција. ЦИВИЛ има 284 акредитирани набљудувачи и околу 20 лица кои активно го набљудуваат теренот низ целата земја, односно мобилни екипи кои немаат обврска да влезат во избирачките одбори, информира на денешната прес-конференција претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.

Во текот на гласањето, в недела, ЦИВИЛ ќе одржи пет прес-конференции во 10, 12, 16, 19 часот и уште една која ќе се одржи кога би имале итен случај за да зборуваат за случаите од терен.

– Останува во текот на овие неколку дена да продолжиме со долгорочното набљудување на изборниот процес во кој бележиме неверојатно силна, интензивна, црна кампања, но за тоа повеќе утре и да се подготвиме за денот на гласањето. Останува отворен повикот за граѓаните да дојдат на денот на гласањето и да ни помогнат во прибирање на податоците од теренот, посочи Дерала.

Тој нагласи дека во првиот круг од гласањето, набљудувачите на ЦИВИЛ се соочиле со голем број случаи на попречување на работата.

– Непријатно беше да се види како изгледаше на денот на гласањето, каде дури во 14 случаи нашите набљудувачи се соочија со попречување во нивната работа под најразлични изговори. Избирачките одбори во овие случаи 14, имаа најразлични, често и многу чудни објаснувања, меѓу кои се издвојуваат и оние кои на нашите набљудувачи не им дозволиле да влезат во избирачкото место затоа што во Општинската изборна комисија им рекле дека не треба да примаат лица од ЦИВИЛ во избирачките места, рече Дерала, додавајќи дека нивните набљудувачи од ДИК добиле беџови без име и презиме, што претставувало дополнителен проблем.

Тој посочи оти се надеваат дека во ниту еден случај на денот на гласањето во вториот круг вакво нешто нема да се повтори. Сите случаи, како што посочи, се споделени и со меѓународната заедница и со набљудувачката мисија на ОДИХР.

Во денешниот изборен рапорт Дерала посочи дека имаат две стории од „свиркачи” чии извештаи се анонимизирани.

Првата е во однос на обуките кои се одржаа за членовите на избирачките одбори. Изворот на ЦИВИЛ раскажува дека имало две обуки од кои на првата им било сувопарно објаснето, поточно со слајдови, додека втората обука кога ги донеле уредите за отпечаток од прст, тие не биле достапни за вежбање за сите учесници. На денот на гласањето, според изворот на ЦИВИЛ, фингерпринт апаратот на моменти воопшто не функционирал. Дури кај секој шести гласач не функционирал апаратот, што е речиси 15 отсто од гласачите на ова избирачко место.

Според податоците од терен, како што соопшти Дерала, овој процент во некои избирачки места е далеку повисок.

Втората сторија е во однос на едно семејство во кое член е и лице со посебни потреби. Тие пријавиле дека биле под притисок од една политичка партија. Лицето со посебни потреби не поседува деловна способност и не е во состојба да гласа, сепак тоа лице е на избирачкиот список што било причина еден член на избирачкиот одбор, припадник на една политичка партија да го убедува семејството лицето со посебни потреби и намалена деловна способност да се пријави на гласање на 16 октомври.

– Кога бил известен дека нивниот член не е во состојба да гласа, членот на Избирачкиот одбор продолжил со убедувањето дека може друг член од семејството да гласа наместо лицето со посебни потреби, се разбира ако гласа за соодветната партија. Наведува и дека семејството повеќе пати се обратило до надлежните дека во избирачкиот список имаат лице без деловна способност, додаде Дерала.

Поврзани новости