Референдумот во Македонија беше релативно добро организиран и помина во претежно мирна и демократска атмосфера, оценува ЦИВИЛ во денешното соопштение до медиумите.
Сепак, како што е наведено во соопштението, овој изборен процес беше исполнет со низа проблеми, недоследности, системски грешки и нерегуларности.
– Целиот процес во контекст на референдумот на површина исфрли низа проблеми кои со години се таложеле, а решенијата се одложувале или се ставале во фиока, што уште повеќе ја влоши ситуацијата во последните денови пред гласањето, како и на самиот ден на гласањето, велат од ЦИВИЛ.
Оттаму посочуваат дека го набљудувале процесот долгорочно со над 30 набљудувачи, а со 307 акредитирани набљудувачи на денот на гласањето.
Од ЦИВИЛ најавуваат дека наодите и препораките што произлегуваат од мониторингот ќе бидат објавени наскоро, а веќе првите анализи во видео формат и колумни на еминентни аналитичар(к)и ќе ги презентира на својата медиумска платформа.