Невладината организација Цивил побара Основното јавно обвинителство да поведе постапки, откако беше обелоденет скандалот со 13-годишното девојче од домот „25 мај“, кое било сексуално злоставувано и абортирало.
„Бараме видливи резултати во рок од часови, а не денови, а најмалку години! Веруваме дека во овој момент говориме во името на сите свесни и совесни граѓанки и граѓани, родители, деца… Ужасот низ кој минуваат децата низ нечовечниот систем на институциите кои се задолжени за нивно згрижување, одгледување, образование и добробит ја прелеа чашата со последното ужасно сознание за силувањето и подведувањето на 13-годишно дете! Болните умови на поединци вработени во тие институции упропастиле цели животи и тоа се случува со години, ако не и со децении наназад. Манијаци и злосторници битисуваат прикриени во мрачните канцеларии на системот! Тие веќе денеска треба да бидат уапсени и изведени пред суд“, стои во реакцијата на Цивил.