Мониторингот на Здружението ЦИВИЛ забележал поголем број на нерегуларности од 9 до 11 часот, во однос на почеток на гласањето во вториот круг од локалните избори, соопшти претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала.
– Во врска со случајот во Куманово, ОУ „11 Октомври“, ИМ 1026/1, кога членот на ИО, В. Т., додека гласачот бил на ФП апаратот, именуваната извадила телефон за да го слика гласачот. После тоа, му рекла: „знаеш дека треба да заокружиш конкретно бројче”, сега набљудувачот на ЦИВИЛ, како и другите набљудувачи, кои го посетија тоа избирачко место се под притисок. Ги потсетуваме членовите на избирачкиот одбор дека нашите набљудувачи, тука се како пријатели и се обидуваат да помогнат во законитоста на изборниот процес и имаат право и обврска да го известат ЦИВИЛ за тоа што го забележале, нагласи Дерала.
Тој рече дека во 15 часот ќе соопштат повеќе информации за конкретниот случај, бидејќи В.Т. му се заканувала на набљудувачот на ЦИВИЛ.
– Во тетовско Теарце, ИМ 2029/1, во ОУ „Исмаил Ќемали” во с. Нераште, забележан е еден мал физички инцидент. Откако еден гласач, кој не можел да биде идентификуван со помош фингерпринт апаратот, се вознемирил крајно и агресивно се нафрлил врз член на ИО. Речиси дошло до физичка пресметка. На крајот гласал со ставање рачен отпечаток од прст во графата предвидена за тоа во избирачкиот список, соопшти Дерала.
Тој информира и за притисоци врз нивни набљудувачи. Во Чешиново-Облешево, с. Уларци, ИМ ‘0884, набљудувачот од ЦИВИЛ бил следен со автомобил, немал каде да пријави бидејќи немало полиција никаде, ниту кај избирачкото место.
Во Куманово, ЈП Водовод – голема сала, ИМ 1016, на набљудувачот од ЦИВИЛ, му биле побарани дополнителни документи за легитимација и е попречуван во набљудувањето – не му е дозволен пристап до ИМ, а како причина е наведен малиот физички простор и ковид протоколите.
Мониторингот на ЦИВИЛ, како што рече Дерала, забележал и агитација, организирано носење на гласачи, закани до гласачи.
– Во Лозово, ОУ – с. Дорфулија, ИМ 1708, градоначалникот на Св. Николе, воедно партиски набљудувач, излегува надвор од избирачкото место и агитира на избирачите, информира Дерала, пренесувајќи информација и дека во тетовското село Теарце кај ООУ „Кирил Пејчиновиќ” Тетово, ИМ 2010,2011,2012,2013 и 2014, во непосредна близина на избирачкото место има плакати залепени од политичка партија.
Во Радовиш, ОУ – с. Сулдурци, ИМ 1593, гласач кој не бил заведен како гласач на тоа ИМ бил отстранет од страна на ИО, а тој продолжува постојано да се движи околу ИМ.
Во Ранковце, ОУ – с. Ранковце, ИМ ‘0987, имало нарушување на тајност на гласањето, односно фотографирање на гласачко ливче од страна на гласач.
Во Аеродром, ОУ „Гоце Делчев”, Горно Лисиче, ИМ ‘0725, имињата на гласачите се изговараат на глас и во Битола, ОУ Таки Даскало, ИМ 0046 читање на гласачите на глас. Во Аеродром, ОУ Љубен Лапе, ИМ 2755, член на ИО на глас чита матични броеви на гласачи,
– Во Куманово, гимназија „Гоце Делчев” (главен влез), ИМ 1074, компјутер со камера е свртен директно кон влезната врата и гледа во ИО, во набљудувачите и во гласачите кои влегуваат во ИМ. Не може да се забележи дали камерата е вклучена или не. Во Куманово, школска амбуланта, ИМ 1069, низ амбулантата има безбедносни камери кои не се покриени/заштитени и не е јасно дали се во функција и снимаат. Дел до камерите буквално имаат увид и зад гласачките паравани, информира Дерала.
Во Кисела Вода, ЦОУ „Круме Кепески”, ИМ 2761, се читаат имињата и презимињата на гласачите на глас од страна на ИО.
Повреда на избирачко право, ЦИВИЛ забележал во Сарај, ООУ „Дитуриа”, ИМ 2433, гласањето сè уште не е започнато до 9:30 часот. Во Центар, ООУ „Коле Неделковски”, ИМ ‘2867/1, гласањето не е почнато.
Во Битола, ОУ Таки Даскало, ИМ 0046 проблеми со ФП не пронаоѓа гласачи. Во Чешиново-Облешево, ОУ – с. Спанчево, ИМ 0087, поради проблем со УБИГ-от, гласањето сè уште не е почнато на ова ИМ. Во Битола, ОУ Таки Даскало, ИМ ‘0058, проблем со наоѓање на гласачи во ФП. Центар, Дом на АРМ, ИМ 2815, гласањето е започнато дури во 09:45, поради немање на корисничко име и лозинка за пристап кон УБИГ-от. Битола, ОУ Кирил и Методиј, ИМ 0059, шест лица не ги фаќал фингерпринт апаратот. Центар, ООУ „Киро Глигоров”, ИМ 2805, гласањето е започнато во 07:15, поради проблеми со УБИГ. Во Тетово, с. Лешок, ИМ 2009, на избирачкото место лице кое е претставник од избирачкиот одбор не носи маска со што ги прекршува Ковид протоколите за одвивање на изборниот, рече Дерала.
Во Аеродром, ОУ „Гоце Делчев” Горно Лисиче, ИМ ‘0728, дополни, на првиот гласач му се овозможува гласање без маска. Притоа не е ниту опоменат од избирачкиот одбор. Од ЦИВИЛ регистрирале и дека во Битола, ОУ Таки Даскало, ИМ ‘0058, се примаат гласачи без заштитни маски, како и дека на ИМ 0046 и на ИМ 0054, ИМ 0048, членови на ИО не носат маски. Членови на ИО воопшто не носеле маски и на ИМ 1298/1 во ОУ во охридското село Велгошти.
Мониторингот на ЦИВИЛ забележал и помагање при гласање, гласање за друг, семејно гласање.
– Во Ранковце, ОУ – с. Ранковце, ИМ ‘0987 злоупотреба на гласањето со придружба. Има и повреда на гласачко право на лица со посебни потреби. Во Битола, ОУ Таки Даскало, ИМ 0048 нема параван за лица со инвалидитет. Во Василево, ОУ Гоце Делчев – с. Василево, ИМ ‘1800/1, не е поставен третиот гласачки параван за луѓе со физичка попреченост. Во Аеродром, ООУ „Блаже Конески”, ИМ 2684, не е поставен третиот параван за гласачи со физичка попреченост, информира Дерала.