Ципрас: Со решавање на спорот со северните соседи, Грција ја враќа водечката позиција на Балканот

by fokus

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во колумна за грчкото издание на „Еконoмист – Светот во 2019“, пишува за предизвиците и плановите за Грција оваа година и за „прогресивната Влада кој успеа да ја извади земјата од меморандумите, да обезбеди финансиска стабилност, да ги исправи неправдите за многумина, да се справи со бегалската криза со хуманизам и солидарност“, но и да затвори долгогодишен спор.

– Неодамна, беше ставен крај на речиси 30-годишниот спор со нашите северни соседи, кој долго време ги хранеше национализмот и радикалната десница и од двете страни на границата. На овој начин, Грција ја враќа водечката позиција на Балканот, не во смисла на наметнување, туку како сила која е протагонист во соработката и заедничкиот развој на земјите од регионот, наспроти сите оние кои за нивни лични интереси сакаат Балканот засекогаш да остане буре барут во Европа, пишува Ципрас.

За 2019-та, грчкиот премиер вели дека Грција влегува во нова ера, бидејќи „прв пат по една деценија, финансиските потреби на земјата се обезбедени за следниот период, а е регистриран и рекорд на странски инвестиции“.

– Убеден сум дека 2019 ќе биде историска година, не само затоа што го симболизира крајот на кризата, туку затоа што ќе значи почеток за нова Грција, Грција на нејзините луѓе, Грција на многумина, пишува грчкиот премиер.

Тој додава дека сето ова ќе го почувствуваат и граѓаните, преку владините мерки, како што се враќање на колективните договори и покачување на платите.

Поврзани новости