Досегашниот премиер Алексис Ципрас му честиташе на својот наследник Кирјакос Мицотакис на победата на денешните парламентарни избори, на коишто гласачите ја вратија власта во рацете на конзервативците.
Министерството за внатрешни работи ги објави првичните официјални резултати, кои кажуваат дека Нова демократија освоила 39,8% гласови, додека досегашната владејачка партија Сириза е на второто место со 31,5%. Во новиот состав на парламентот најверојатно ќе има само шест партии, откако профашистичката Златна зора не успеа да го помине прагот на освоени 3% гласови.
-Во демократија не е ненормално да дојде до промена на власта. Се надевам дека Нова демократија нема да води политика на одмазда“, изјави Ципрас.
Според овие резултати, Нова демократија ќе има апсолутно мнозинство во парламентот, односно меѓу 155 и 167 пратенички места од можни 300. Ова е најубедливата победа на една партија на изборите во Грција од 1981 година.
Ципрас, кој дојде на власт во 2015, ги распиша изборите три месеци порано, откако Сириза претрпи тежок пораз на европските избори во мај. Популарноста на Сириза опадна откако не успеа да се справи со високата невработеност и со слабиот раст на економијата, а Нова демократија профитираше и од незадоволството на народот од потпишувањето на Преспанскиот договор со Македонија.