Во овој момент се наоѓаме еден чекор пред историски настан, рече грчкиот премиер во неговото обраќање во грчкиот Парламент и додаде дека по речиси 30 години неактивност и по една цела година исцрпни преговори, “доаѓаме до крајот на еден исцрпувачки процес”.
Алексис Ципрас во неговиот долг и опширен говор што траеше 70 минути детално го анализираше договорот од Преспа и придобивките за грчката страна, одговори на критиките од опозициската Нова демократија дека Владата отстапила македонски јазик и македонска националност, а говорот го заврши со пораката дека „е време за национална самодоверба и национална гордост, ова е историски ден”, јави дописничата на МИА од Атина.
Во однос на тоа дали со договорот се признава државјанство или националност, Ципрас го повтори она што го спомена Катругалос на Комисијата за надворешна политика и одбрана.
-Државите признаваат држави. Не признаваат народи и да сакаше Коѕијас да им даде националност не можеше бидејќи меѓународен договор не може да признава националност, туку само државјанство, рече Ципрас.
Грчкиот премиер рече дека земјата со „овој договор ги добива назад историјата, симболите и античката грчка историја”, но и дека се става крај на иредентизмот.
Обраќајќи се до опозициската Нова демократија рече дека главниот проблем не е договорот, туку СИРИЗА, бидејќи СИРИЗА го донесе договорот. А на Мицотакис му порача дека му недостигаат храброст и смелост.