Да не беше Договорот од Преспа, на северната граница Грција сега ќе ги имаше Русија и Турција, на север ќе имавме Либија, истакна лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервју за грчката телевизија „Антена“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, поранешниот грчки премиер го повтори неговиот став дека со решението на спорот запрело влијанието на други земји.
– Замислете денес што ќе имавме на нашата северна граница, ако не го склучевме овој Договор. Не само што Грција немаше да биде таа која ќе има земја сојузник за да го надгледува воздушниот простор со грчките воени авиони, туку ќе ги имавме и Турција и Русија на нашата северна граница. Ова ќе го имавме. Ќе имавме Либија на нашата северна граница. И да видам колку ќе беше лесно да правиме потези во рамките на неопходното, па дури и прекумерни потези, ако ја имавме Русија на нашата северна граница, истакна Ципрас.
Одговарајќи, на како што рече, сегашните критики од Нова демократија за поврзаност со Русија, Ципрас се осврна на периодот кога беше премиер и истакна дека иако три пати беше во официјална посета на Русија, а рускиот претседател ја посети Грција и постоел отворен дијалог со Москва, сепак биле протерани руски дипломати и граѓани во врска со Договорот од Преспа.