Најмалку 19 лица загинаа во поплавите од Романија до Полска во последните неколку дена
Жителите на неколку полски и чешки региони беа евакуирани во последниве денови, а други во централна Европа почнаа да ги расчистуваат своите населби по најголемите поплави во повеќе од две децении кои зад себе оставија пустош и се повеќе мртви.
Невремето го напушти регионот, но вистинските проблеми во вид на поплави, порои и лизгање на земјиштето допрва следуваат, пишуваат унгарските портали.
Пограничните области меѓу Чешка и Полска викендов беа тешко погодени од многу обилни дождови кои предизвикаа поројни поплави кои однесоа некои мостови, принудувајќи ги жителите да се евакуираат и оштетија автомобили и куќи.
Најмалку 19 лица загинаа во поплавите од Романија до Полска во последните неколку дена.
Пожарникарите во италијанска Пескара соопштија дека примиле повеќе од 200 повици откако обилните дождови предизвикаа поплави. Јужниот италијански регион Абруцо сега е под жолто метео предупредување.
Од кабинетот на градоначалникот потврдуваат дека локалната полиција и службениците од канцеларијата за цивилна заштита работат на санацијата.
– Напорно работиме да ги запреме најтешките ситуации – беше наведено.
Најмалку 19 лица загинаа во Полска, Чешка, Австрија и Романија. Другите европски земји, вклучувајќи ги Унгарија, Словачка и Италија, се подготвуваат за тешки временски услови во наредните денови.
Најтешка е ситуацијата на местата во близина на чешко-полската граница.
Во Чешка се евакуирани 15.000 луѓе, а во Полска 3.000 се уште се без струја.
Помалите села погодени од поплавите немаат мобилна мрежа, па дури и струја, изјави за Би-Би-Си хуманитарец од Полска.
– Службите како пожарникари, спасувачи не можат да комуницираат меѓу себе. Некои села се целосно отсечени од светот, па водата и храната се носат со хеликоптери. Луѓето ги загубија сите свои работи, домови, сè. Некои го загубија животот – изјавила таа.
Полската полиција соопшти дека има информации за вкупно шест лица кои се удавиле за време на поплавите на југозападот на земјата.
– Апелираме до сите да не изнесуваат лажни информации за бројот на жртвите во поплавите во медиумите – нагласија тие.
Полското Министерство за одбрана соопшти дека 5.500 војници им помагаат на луѓето погодени од разорните поплави.
Од нив илјада војници им помагаат на службите во Вроцлав, објави Министерството на социјалната платформа Х.
Вкупно 19 хеликоптери учествуваат во операциите за помош и спасување, а осум тимови ги зајакнуваат насипите и ги обновуваат сообраќајните врски.
Се формираат воени теренски кујни за оние на кои им е потребна храна и вода.
Во градот Ладек-Здрој, кој беше опустошен од поплава кога пукна браната на акумулацијата, беа подготвени 700 кревети за луѓето кои беа евакуирани од нивните домови.