ЦИА: „Путин ќе мора да се соочи со последиците“

by Fokus

Украинската армија има намера да задржи дел од руската територија што ја освои на „одреден временски период“, а очекуваната руска контраофанзива ќе биде тешка борба, изјави денеска заменик директорот на ЦИА – Дејвид Коен.

Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин ќе мора „да се соочи со последиците во неговото општество“ поради губење на дел од руската територија, објави Ројтерс.

На 6 август, Украина започна упад во руската област Курск, каде што тврди дека освоила 100 населени места, додека руските сили продолжуваат полека да напредуваат во источниот регион Доњецк.

Украина сега тврди дека контролира повеќе од 1.200 квадратни километри од руската област Курск.

Коен рече дека верува оти Путин ќе започне контраофанзива, но очекува дека тоа ќе биде тешка борба за Русите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во вторникот дека војната со Русија на крајот ќе заврши преку дијалог, но дека Киев мора да биде на силна позиција и дека планот ќе му го претстави на американскиот претседател Џозеф Бајден и неговите потенцијални наследници.

Путин рече дека секој договор мора да започне со прифаќање на „реалноста на теренот“ од страна на Украина, што би значело дека Русија ќе задржи значајни делови од четири украински региони, како и Крим, потсетува Ројтерс.

Поврзани новости