Американските разузнавачи веруваат дека лидерот на Хамас во Газа – Јахја Синвар се крие во тунелите под неговиот роден град Кан Јунис во Газа и е главниот одлучувач на Хамас за тоа дали групата ќе го прифати договорот, рече директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.
Тој го изјави ова на состанокот затворен за јавноста и додаде дека разузнавачката агенција верува дека лидерот на Хамас е под зголемен притисок од сопствените воени команданти да прифати договор за прекин на огнот и да стави крај на војната со Израел, пишува Си-Ен-Ен повикувајќи се на неименуван извор. .
Барнс додаде дека Синвар, кој го организираше нападот на Израел на 7 октомври, е загрижен дека тој може да биде обвинет за страдањата на цивилното население во Газа.
Барнс, кој со месеци ги водеше преговорите како претставник на администрацијата на Џо Бајден, рече дека е одговорност и на израелската влада и на Хамас да го искористат овој момент за да се договорат за прекин на огнот.
Зголемениот притисок врз Синвар доаѓа во време кога Хамас и Израел се договорија за рамковен договор што американскиот претседател Џо Бајден го претстави на крајот на мај.
Барнс неодамна се врати во САД од патувањето на Блискиот Исток каде што се обиде да ги унапреди разговорите за прекин на огнот во Газа и договор за заложници, и се сретна со колегите посредници од Катар и Египет, како и со шефот на израелското надворешно разузнавање.
Тој во саботата рече дека има „мали можности“ и дека шансите за договор за прекин на огнот се подобри отколку што беа, неколку месеци откако десетици заложници беа ослободени со краткото привремено примирје во ноември.