Симптоматично е што во акцијата во Грчец беа уапсени, односно приведени од списокот од 16 до осми, а не првите одозгора, вели во интервју за неделникот „Фокус“ министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Разговараше: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
ФОКУС: На примопредавањето на функцијата со Оливер Спасовски разговаравте за акцијата во Грчец (криминална група против која се води истрага за трговија со дрога и убиства), која се случи непосредно пред формирањето на техничката влада. Во неа имаше 16 осомничени, а неколку приведени и вие тогаш кажавте дека се надевате дека, не само пет-шест, туку дека ќе бидат уапсени сите 16 од горе надолу. Но, главниот Шеваљ Муареми избега во Дубаи.
ТОШКОВСКИ: Ликот што го спомнавте, по него има распишано потерница, тој е недостапен на органите на прогонот. И да, симптоматично е, факт е дека е симптоматично зашто во рамки на една таква акција, која е спроведена во рамки на борбата на еден таков вид организиран криминал, беа уапсени, односно приведени од списокот од 16 до осми, а не првите одозгора. Да, тоа е симптоматично.
Факт е дека ќе бидеме во иднина посветени не само на овој предмет, туку на сите други предмети што се од интерес за јавноста и кои се сомнителни во однос на тоа што сме го очекувале сите ние како резултат, а било испорачано сосема поинаку.
ФОКУС: Се работи на овој случај? Комуникациите од „скај“ апликацијата се вештачат сѐ уште во МВР?
ТОШКОВСКИ: МВР работи на сите предмети за кои има информации и сознанија за потенцијален криминал, така што не би сакал да навлегувам повеќе во детали во однос на ова.
ФОКУС: Конкретно за овој случај сте побарале информации од надлежните одделенија?
ТОШКОВСКИ: Генерално, не само за овој случај. За сите останати предмети, оперативната палка во рамки на функционирањето на МВР е кај директорот на Бирото за јавна безбедност. Сигурен сум дека со емпиријата зад себе со искуството позади себе, професионалното и животното што го има, сигурен сум дека и тоа како ќе се вложи во работењето на МВР и за целокупниот период што му претстои ќе покаже вистинска борба.
ФОКУС: Очекувате ли некогаш Шеваљ Муареми да биде испорачан од Дубаи?
ТОШКОВСКИ: Јас се надевам дека секој еден што се огрешил, ќе одговара согласно словото на законот.
ФОКУС: Спасовски, кога зборуваше за акцијата во Грчец, кажа групата имала „кртови“ во институциите, во полицијата, обвинителството, судовите…
ТОШКОВСКИ: Да, се работи на тој предмет, имам информации. Какви докази има, не знам, но запознат сум од БЈБ дека се работи интензивно на овој случај во соработка со Јавното обвинителство.