ЦГК: Општините потрошиле 97 милиони евра минатата година, 20 фирми добиле една третина од тендерите

by Фокус

Градот Скопје и другите општини во земјава во мината 2018 година склучиле 3.898 договори за јавни набавки со 1.331 фирма, чија вкупна вредност е 97 милиони евра, што претставува 21 отсто повеќе во споредба со претходната 2017 година, покажува базата на податоци што ја изготви Центарот за граѓански комунации.

Според договорите за јавни набавки, на врвот останува Град Скопје со 14 милиони евра, со тоа што се забележува огромен пораст на вредноста на јавните набавки во однос на претходната година од 42 отсто, односно за 4,2 милиони евра.

Како најголема единица на локалната самоуправа, според ЦГК, Градот на тендери практично троши колку 46 други општини заедно, додека 11-те единици на локална самоуправа со најголема вредност на набавките заедно трошат половина од парите, односно колку преостанатите 70 општини.

Имено, Куманово со 4,9 милиони евра скокна од ланското трето на второто место, додека Аеродром ја загуби позицијата во првата тројка и на негово место годинава се искачи Струмица со набавки во вредност од 4,1 милион евра.

Двете општини кои претходно биле на четвртото и петтото место – Битола и Тетово – паднале на 14-то и 20-то место според вредноста на јавните набавки, со оглед дека Битола од 4 милиони евра паднала на 2,2 милиони евра (-45 отсто), додека Тетово од 3,9 милиони евра на 1,7 милиони (-56 отсто).

Наспроти тоа, некои општини сега влегле во првата десетка со значен скок во вредноста на јавните набавки се, како што се Струга (+162 отсто), Гостивар (+90 отсто) и Кавадарци (+57 отсто).

На дното на табелата се три мали општини, сите со набавки под 100.000 евра – Центар Жупа (96.045 евра), Ранковце (80.081 евра) и Зрновци (65.495 евра).

Што се однесува до компаниите со кои општините најмногу соработувале, повторно е регистрирана висока концентрација на мал број фирми во набавките на општините, така што првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат учество од цели 22 отсто во вкупната вредност на тендерите на општините, а првите 20 фирми држат дури една третина од вредноста на набавките.

Конкретно, првото место со договори во вредност од 3,9 милиони евра го обезбедува Фабрика Карпош, која има склучено 13 договори, од кои дури 5 со општина Илинден, но вредносно доминира договорот со Град Скопје во вредност од 2,4 милиони евра за изградба, одржување и реконструкција на бул. Босна и Херцеговина, што претставува најголем тендер што во 2018 година на една локална власт.

Понатаму, Пелагонија Гостивар е втора со 2,9 милиони, Бауер БГ е трета со 2,5 милиони евра, Илинден Струга е четврта со 2,1 милиони евра, додека на петтото место се искачи нафтениот дистрибутер Супертрејд со 2 милиони евра, преземајќи му го приматот во овој дел од бизнисот на ланскиот првак Пуцко Петрол, кој падна на седмо место со 1,9 милиони евра.

Поврзани новости