ЦГК: Над 3,5 милиони евра се потрошени за справување со снегот по патиштата, сумата ќе расте!

by Фокус

Јавното претпријатие за одржување на патиштата сè уште нема склучено договор со фирма за зимско одржување на патиштата низ земјава, а за справување со снегот и мразот по патиштата и улиците досега се склучени договори од 3,5 милиони евра, сума која допрва ќе расте бидејќи уште 13 тендери се во тек, покажуваат истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Според истражувањето, речиси и да нема конкуренција на тендерите за зимско одржување на кои просечно има по 1,4 понуди по тендер, а на 71 отсто од тендерите имало само по една понуда. Со најголема вредност од 1,3 милиони евра годишно е тендерот за индустриска сол на ЈП за одржување на патиштата.

За оваа зима, државните институции во земјава склучиле договори за јавни набавки за зимско одржување на улиците и патиштата во вредност од 219 милиони денари, односно 3.569.106 евра, се наведува во истражувањето на ЦГК.

Склучени се вкупно 49 поединечни договори, коишто, покрај изнајмување возила и работници за зимско одржување, вклучуваат и набавки на сол и ризла за патиштата. Вакви тендери имаат: Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, 38 општини, Градот Скопје и Електрани на Македонија (ЕСМ).

Најголеми се тендерите на Јавното претпријатие за одржување на патишта, кое засега има склучено три двогодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно. Но сите три договори се за набавка на индустриска сол и ризла за патиштата.

Јавното претпријатие сè уште нема склучено договор со некоја фирма за зимско одржување на патиштата, што значи дека патиштата треба да ги одржува со својата механизација. Постапката за ангажирање трети лица за зимско одржување на патиштата низ земјава е поништена во декември и веднаш е распишана нова со краен рок за доставување понуди на 10 јануари годинава.

Инаку, 39 единици на локална самоуправа имаат склучено договори за зимско одржување, односно за набавка на механизација, сол и ризла за улиците и патиштата.

Не сметајќи го Скопје, највредни тендери за зимско одржување имаат Битола (250 илјади евра), Кичево (134 илјади евра), Центар (116 илјади евра), Гази Баба (113 илјади евра), Гостивар (96 илјади евра) и Струга (92 илјади евра).

Град Скопје пак, за оваа намена годишно троши по повеќе од половина милион евра. Покрај тендерот на Град Скопје, тендери за зимско одржување на улиците имаат и уште осум други скопски општини. Најголемите се на Општина Центар – 116 илјади евра и на Општина Гази Баба – 113 илјади евра.

Вкупно, овие осум општини исто така имаат повеќе од половина милион евра за чистење на снегот и мразот. Ова значи дека за територијата на Град Скопје предвидени се повеќе од еден милион евра за зимско одржување и чистење на улиците.

Кога станува збор за фирмите, најголем договор има фирмата Лугос ЛЦ од Скопје, која со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта има склучено двегодишен договор за снабдување со индустриска сол за патиштата во вкупна вредност од 2 милиони и 300 илјади евра.

Втора е фирмата Нексос Инженеринг од Скопје со договорот од 1 милион и 55 илјади евра склучен со Градот Скопје за двегодишно ангажирање на специјални возила за зимско одржување на улиците.

Трета е фирмата Анизор Драшко од скопското село Шишево, која има склучено договори за зимско одржување со пет скопски општини во вкупна вредност од 342 илјади евра.

Вкупната сума на трошоци за зимско одржување сигурно ќе биде и поголема ако се има предвид дека во тек се уште 13 тендери за оваа намена, чиј исход сè уште не е познат.

Поврзани новости