Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2020 година, според кој расте примената на нетранспарентна постапка со преговарање без објавување на оглас.
Од Центарот утврдиле дека институциите не се консултираат со бизнис-секторот во насока на подобрување на тендерските документации, а со тоа и на самиот процес на јавните набавки. Во мониторираниот период, спроведен е технички дијалог само за 1,4 % од тендерите, а и во овој симболичен процес на консултации се забележуваат пропусти.
-Во мониторираниот период, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 15 % повеќе од истиот период претходната година, се наведува во извештајот.
Исто така утврдено е дека на секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда.
-Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период во 2019 година, но влошување во однос на целата 2019 година, стои во извештајот.
Од Центарот посочуваат и дека и понатаму критериумот „најниска цена“ преовладува.
-„Најниската цена“ е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 96 % од спроведените тендери, со што е задржан неповолниот тренд од претходната година. Оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот „најниска цена“ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства.
Електронската аукција е користена во дури 92 % од тендерите, со што се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки, се наведува во извештајот.
Иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно, сепак некои анализата покажала дека понудувачи доставуваат понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност.