Слика од турбо фолк ѕвездата Цеца Ражнатовиќ како светица, со бујно деколте и микрофон во рака, која пред десеттина години беше претставена на изложба во Ниш, го обиколи целиот Балкан.
Иако стануваше збор за дело насликано од студентка на Факултетот за уметност во Ниш, која со тој потег сакала да ја критикува српската јавност, сепак обожавателите на Ражнатовиќ се случува и по сите изминати години, се уште да ја споделуваат сликата на социјалните мрежи, со пораката дека Цеца е светица на естрадата.
Во периодот кога се објави сликата, јавно се огласи и пејачката, која порача дека нема да навлегува во мотивите на авторот кој го насликал делото, но идејата не и се допаѓала, бидејќи местото на светците им било на иконите, а таа била обична жена.
Дека и кај нас, во Македонија многумина слично ги доживуваат естрадните уметници, сведочи и сликата која деновиве се споделува на социјалните мрежи. Станува збор за фолк пејачката Сани Гроздановска, чиј лик е вметнат на местото каде на сликата беше насликан ликот на Цеца, а во описот стои дека Сани е заштитничка на микрофонот, бакшишот и заводливоста.
Според Гроздановска, се работи за дело на некој од нејзините обожаватели.
Инаку, таа моментално е една од најангажираните фолк пејачки во земјава и има редовни настапи во локали. И покрај тоа што е сопруга и мајка на две ќерки, успева да балансира помеѓу семејниот живот и кариерата и е активна на фестивали, се појавува во забавни емисии и работи на нови материјали.
Покрај сликите со пејачките претставени како светици, во јавноста често знаат да се појават и тетоважи со ликови на пејачи кои обожавателите ги истетовирале во нивна чест.
Ликовите на Тоше Проески, на Ѓоко Јовиќ, Зоран Џорлев, Аца Лукас, Стефан Филиповски, но и на голем број на светски музичари , се дел од оние кои се најдоа како тетоважи кај нивни почитувачи. Има и такви во земјава и регионот, кои пак наместо музички ѕвезди, се случува да истетовираат ликови на политичари. Ликовите на Никола Груевски, Сашо Мијалков, Митко Јанчев, Александар Вучиќ и Тито се дел од тетоважите кои беа објавени во јавност.
Вики Клинчарова