Централниот регистар тврди: Уписот на новите имиња на училиштата е во ред, не навлегуваме во постапката во општината

by Фокус

Постапката за упис на новите имиња на двете училишта во Чаир е во ред, вели директорката на Централниот регистар Марија Бошковска – Јанковски.

Во изјава за Фокус, таа појаснува дека Централниот регистар го извршил уписот на промена врз основа на одлука на министерот за образование, кој, пак, таква одлука донел по спроведена постапката во рамки на општината.

Но, како што истакнува Бошковска-Јанковски, Централниот регистар не навлегува во процедурата спроведена во општината.

– Кога говориме за постапката за упис на промена, таа е целосно во ред, бидејќи е донесена одлука врз основа на законски доставени документи, но ние како институција не навлегуваме во постапката спроведена во општината – вели директорката на ЦР.

Инаку, лидерот на СДСМ и екс премиер Зоран Заев денес изјави дека промената на имињата на две училишта во Чаир е незаконска, бидејќи, според него, за тоа не се произнел општинскиот совет.

Претходно, пак, минисерот за образование Арбер Адеми информираше дека ОУ „Никола Вапцаров“ сега официјално се вика „Имри Елези“, а ОУ „Рајко Жинзифов“ сега е „Исмаил Кемали“.

Ќемали е албански политичар и дипломат, еден од најзначајните во времето на основањето на независна Албанија, додека Елези е припадник на ОНА кој загина во војната во 2001 година.

В.С.

Поврзани новости