Централниот регистар потроши половина милион евра за нов портал и платформа, па објави нов оглас за ребрендирање

by Фокус

Централниот регистар објави оглас за ангажирање на компанија за деловни услуги, консалтинг и маркетинг, која ќе треба да изготви нов дизајн на корпоративни обележја – лого и заштитен знак, како и да изработи книга за графички стандарди, со цел ребрендирање на институцијата.

Како што се наведува во тендерската документација за набавката, која е прикачена на Бирото за јавни набавки, критериум за избор на компанија е соодносот меѓу понудената цена и квалитет, при што цената ќе се вреднува со 60, а квалитетот со 40 бодови.

Притоа, дел од условите за избор на компанија предвидуваат економските оператори да имааат изработено и реализирано најмалку 5 проекти од слична природа во последните 3 години и да имаат ангажирано најмалку 3 лица, од кои минимум еден со соодветни квалификации за извршување на набавката, кој плус мора да има најмалку 2 години искуство во областа.

Во техничките спецификации на набавката се наведува дека понудувачот треба да предложи идејно решение за ново лого, амблен и логотип, како и генерален слоган на институцијата, што, стои во спецификациите, треба да биде во согласност со целите и политиките на инстиуцијата.

Инаку, Централниот регистар пред два месеци склучи договор со компанијата „РЕ-АКТИВ ДОО“ за изработка на заедничка платформа за отпочнување на бизнис и модернизација на порталот, во вредност од 548.500 евра.

Патем, во оваа тендерска постапка учествувала уште една компанија која понудила речиси идентична финансиска понуда, меѓутоа моделот на избор повторно му давал предност на квалитетот, кој, исто така, се вреднувал со 60 бодови.

Според договорот потпишан од директорката на ЦР Марија Бошковска-Јанковски и управителот на компанијата Дејан Дамјановиќ, се предвидуваат 5 фази од реализација на набавката, така што изработката на нов портал се предвидува во втората фаза, а изработката на платформа за заеднички бизнис во четвртата фаза.

Исто така, минатиот месец институцијата склучила уште еден договор од слична природа со „Кернел Груп“ на романскиот државјанин Драгош Александру Калин во вредност од околу 281.500 евра, кој се однесува за решение за обединети комуникации, но и за надградба на постојна серверска инфраструктура за виртуелизација.

В.С.

Поврзани новости