Централниот одбор на СДСМ повика на обединување за напредок кон ЕУ

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски доби задолжение од Централниот одбор на СДСМ да ги спроведе сите неопходни разговори и чекори за Македонија да го продолжи европскиот пат. Ова е еден од заклучоците кои на вечерашната седница ги донесе Централниот одбор на СДСМ. Вакви заклучоци се донесени по силната поддршка што премиерот ја доби од САД по неодамнешната посета на Вашингтон.

Социјалдемократите ги повикаа сите политички и општествени чинители во македонското општество на обединување околу европската иднина и продолжување на европскиот пат.

„Сè што е до Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе биде направено за да продолжи напредокот кон Европската Унија“, соопшти СДСМ.

Членовите на раководството, пратеничката група, избраните и именувани носители на јавни функции од СДСМ се на располагање и по потреба ќе бидат вклучени во процесот.

„Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски ќе ги информира сите политички партнери од владината коалиција за посетата на САД, искажаната поддршка за земјава и реформите за продолжување на европскиот пат. Започнатиот процес на неопходни реформи, измени, мерки и активности СДСМ ќе ги спроведе во интерес на граѓаните и државата, заедно со своите коалициски партнери“, соопшти СДСМ.

Поврзани новости