Десетици илјади луѓе денеска се собираат во центарот на Белград на масовен протест против власта во Србија предводена од популистичкиот претседател Александар Вучиќ, најголем во серијата протести против корупцијата кои ја разнишаа неговото 13-годишно владеење, јавува новинската агенција АП.
Громогласни свирежи и звуци од вувузели одекнуваат низ српскиот главен град, кој е во состојба на висока готовност откако беше најавен протестот, додека луѓето се упатуваат кон локациите одредени за протестот. Тие носат спрски знамиња и транспаренти со натписи како „Готов е!“, „Труло до срж!“. Се скандира и пее „Пумпај“, слоганот усвоен за време на четиримесечните протести предводени од студентите.
Студентите во блокада кои повикаа на денешниот протест најавија дека во 16 часот главниот митинг ќе биде пред зградата на Собранието на Србија, но и кај плоштадот Славија каде ќе има бина, хор и говорници. Во услови на зголемени тензии, полицијата соопшти дека уапсила маж кој со својот автомобил удрил во демонстрантите во белградската населба Жарково, повредувајќи три лица.
Пред денешниот протест, Вучиќ повеќепати предупредуваше од наводни планови за немири, се закануваше со апсење и строги казни за какви било инциденти. Јавниот превоз во Белград беше откажан за денеска. Јавниот градски превозник ГСП соопшти дека откажувањето е направено „од безбедносни причини“.
Властите очекуваат меѓу 60.000 и 80.000 демонстранти да пристигнат во Белград, додека организаторите веруваат дека ќе има многу поголем број луѓе на протестот насловен „На 15-ти за 15-те“. Се мисли на 15-те загинати во падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Оваа несреќа беше поводот за почеток на бранот протести кој трае повеќе од четири месеци.