Заклучно со 5 април, објавени се 17 известувања за склучени договори и 12 одлуки за направен избор на најповолна понуда, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, без објавување јавен оглас.
„Вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваат набавките го зголемуваат ризикот од корупција при примената на оваа, и онака нетранспарентна постапка за јавна набавка. За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки“, – велат од Центарот од граѓански комуникации.
Во половина од склучените договори за итни набавки се преговарало само со една фирма, покажува истражувањето.
Разбирливо е дека итноста од одредени набавки во дадени ситуации ги оневозможува институциите во преговорите да вклучат повеќе фирми, меѓутоа се забележува дека цените за слични производи се значително различни во зависност од тоа дали институцијата преговарала само со еден понудувач или вклучила повеќе понудувачи од кои го избрала најповолниот, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.
„Така, на пример, една институција купила хируршки трислојни маски за 32 денари, а друга – обични маски за 35 денари. Првата вклучила 8 понудувачи, а втората само еден. Некоја институција, пак, платила 3,9 денари за една заштитна ракавица, иако најчестата малопродажна цена на ракавиците, дури и во вакви пазарни услови, изнесува 3,5 денари“ – покажува анализата.
Од Центарот за граѓански комуникации препорачуваат навремено да се објавуваат известувањата и склучените договори за јавни набавки, да се информира јавноста, да се вклучат повеќе фирми во преговарањето, да се почитуваат роковите на испорака и детално да се образложуваат причините за секоја набавка.