Центар одговора на прозивките околу цената на Боемската улица

by Фокус

Последниве денови, на некои од медиумите блиски до власта, се води вистинска хајка и се прават обиди во јавноста да се минимизира успешниот и широко прифатен проект „Боемска улица“, преку изнесување на паушални обвинувања и дезинформации, реагираше денеска Општина Центар.

Оттаму велат дека обидот да се дискредитира општината со неиздржани и нестручни споредби со улицата „Никола Вапцаров“ (потегот од некогашен „Мекдоналдс” до скопскиот плоштад), реконструирана во 2011 година, само ја покажува намерата на нарачателите на ваквите текстови дека наводно за двојно помала улица се потрошени двојно повеќе пари. Цената на целиот овој проект е 24 милиони денари или приближо 400.000 евра.

Вкупната површина на проектот, велат од општината, е 2.700 метри квадратни, а во тоа е опфатен потегот на улица „Ѓорги Пешков“, дел од тротоарите на улица „Орце Николов“, дел од улицата „Мирослав Крлежа“ која е во зафршна фаза на доработка, спој на улица „Орце Николов“ со улицата „Михаил Цоков“

– Површината само на улица „Ѓорги Пешков“ е 1500м/2, и од вкупната цена, на тој потег се потрошени 14 милиони и 500 илјади денари. Огромна е разликата во квалитетот на материјалите: подлогата под плочките на „Ѓорѓи Пешков“ е од бетонска полусува мешавина со цементно млеко, а на „Вапцаров“ подлогата е од ризла. Завршниот слој на плочи е од природен гранит со дебелина од 5 сантиметри, тешки 25 килограми од плоча, кои чинат 4.800 од м2. На „Никола Вапцаров“ плочите се од вештачки гранит со дебелина 3цм и тежина 8 килограми по плоча. Цената на метар квадратен е 1. 500 денари. Во цената на плочите на „Ѓорѓи Пешков“ е вклучена набавката транспортот и монтажата. Поплочувањето на коловозот на „Ѓорѓи Пешков“ е со коцки од природен гранит со дебелина од 10 цантиметри, а на „Никола Вапцаров“ е со обоен бехатон со дебелина од 5 сантиметри. Разликата во пазарната цена е пет пати поголема, а комплексноста на изведбата е неспоредливо потешка – велат од Центар.

Наспроти дезинформациите дека наводно се ставени само плочки на мала уличка, потенцираат од кабинетот на Андреј Жерновски, вистината вели дека во цената се вклучени и комплетно нова атмосферска мрежа, бидејќи старата, која се посочува во написит,е беше недопустливо поврзана со фекалната, се излеваше создавајќи проблеми на жителите на улицата.

– Изработена е изолација на спојот на улицата со сите објекти, поставена е нова инсталација за улично осветлување со подземно спуштање на сите кабли од ЕВН и сите оператори, поставени се 15 гусани декоративни канделабри, додека на „Никола Вапцаров“ беше изведено само одводнување на површинските води. Од изнесеното, јасно може да се види разликата во квалитетот. По само 3 години 50 проценти од „Никола Вапцаров“ е уништена, скршени се плочките и на некои места улицата е пропадната. Доколку „Никола Вапцаров“ беше правен со ист квалитет на материјали и иста квадратура како „Ѓорѓи Пешков“, цената ќе беше повеќе од 14 милиони и 500 илјади денари. Наспроти паушалните, намерни и нарачани обвинувања, целата постапка беше јавна и транспарентна – објаснуват од Центар.

Од општината велат дека на тендерот избрана е најефтината понуда и дека ниту еден економски оператор не вложил жалба ниту на изборот, ниту на постапката за јавна набавка. Склучен е договор со фирмата „Изградба Комерц“ од Скопје, а понуди имало и од скопски „Бетон“ и од „Урбан инвест“ од Кавадарци.

Поврзани новости