Цените на основните прехранбени производи се намалени до 10 проценти и тоа може да се види насекаде. Кај месните производи има намалување од пет до 12 проценти, а доколку се погледнат месечните стапки на инфлацијата може да се забележи дека два месеци по ред таа се намалува. Ова значи дека мерките кои Владата ги презема вродија со плод, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговорајќи на новинарско прашање.
Ковачевски посочи дека Владата мерките ги носи во координација со стопанските комори и со претставниците на сите сектори во рамките на стопанските комори, односно производителите на основни прехранбени производи.
Како што рече, тие добиваат субвеницонирана цена на електрична енергија од 80 евра за мегават час, што е за неколку пати помала цена на електрична енергија од она што го купуваа на берзата претходно.
-Меѓутоа, цената на струјата, односно струјата, е еден влезен параметар во финалната цена, а на цената на струјата влијае и зголемената цена на суровините на светските берзи, тука пред се мислам на месото, млекото, житото..Свесни се и компаниите дека државата во рамки на своите можности прави максимум што може за да им помогне, бидејќи давањето на електрична енергија од 80 евра по мегават час кога цената на електрична енергија беше и 500 евра за мегават час значи финансиски издаток за државата со цел да имаме намалување на цените, потенцираше Ковачевски.