Цените не ги зголемуваме, се надеваме дека во август ќе се вратиме во нормала, велат охридски угостители

by Fokus

Корона кризата поради која на удар се најде и туризмот им нанесе голема материјална штета на охридските угостители, кои во овој период од годината, во минатото веќе работеа со полн капацитет.

И покрај тоа што градот е речиси празен, сепак угостителите не губат надеж и веруваат дека до месец август донекаде ќе се вратат во нормала.

-Народ, како што знаете, нема, но некако преживуваме. Капацитетите се секако намалени, ако пред пандемијата имавме 20 маси, сега бројот е намален на десет, според владините мерки. Странските туристи кои го преплавуваа градот ги нема, очекуваме нашите гости од цела земја да ни доаѓаат помасовно ова лето, па така да го надоместиме изгубеното – раскажуваат охридски угостители.

Сепак, голем е бројот на локали кои го преполовиле и бројот на вработените од почетокот на кризата. Како еден од ретките угостителски локали кои ги задржал сите вработени е познатата таверна ,,Момир” која се наоѓа покрај езерото, во центарот на градот.

Бобан Лазаревски, кој долги години наназад е вработен во ,,Момир” за ,,Фокус” вели дека и покрај кризата, сите вработени во таверната останале на своите работни места, и како се надеваат дека нештата постепено ќе се нормализираат.

-Кај нас масите и порано беа на доволно растојание една од друга, така да од таа страна немаме некоја промена, не ни се намали многу капацитетот на гостите. Контроли ни доаѓаат два пати во ден, работиме според новите процедури. Нормално дека не е исто како порано, секаде се чувствува промената. Во минатото ни доаѓаа убави гости од цела земја, доаѓаа многу странци… Криза е во секој сектор, имаме очекувања дека во август се ќе тргне на подобро, си велиме, дај Боже и во јули. Локалот постои 36 години, веруваме дека ќе ја надминеме и оваа криза – појаснува Лазаревски.

Додава дека и покрај намалениот број на гости, а зголемените мерки за безбедност, сепак цените во таверната им останале исти.

-Нема покачување на цените, и во останатите локали се работи според старите ценовници. Со нашите специјалитети по цени исти како пред пандемијата, ги чекаме гостите – вели тој.

Охриѓани исто така се надеваат дека владината мерка со доделување на ваучери за домашен туризам, ќе помогне во справувањето со кризата. Ваучерите од 6.000 денари за домашен туризам граѓаните ќе можат да ги користат од 15-ти јули до 15-ти декември 2020 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости