На валутните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути се симна од највисоките нивоа во последните две години.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на другите шест главни светски валути, се движи околу 99,68 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 100,23 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 125,55 на 125,35 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, така што цената на еврото достигна 1,0905 долари, додека вчера во ова време беше 1,0835 долари.
Во фокусот на инвеститорите денеска ќе биде средбата на лидерите на Европската централна банка (ЕЦБ). Имајќи предвид дека инфлацијата во еврозоната е на рекордно ниво, аналитичарите не би биле изненадени доколку централната банка објави заострување на монетарната политика од претходно очекуваното.
Цените на нафтата, пак, утринава паднаа, по вчерашниот силен раст. На лондонскиот пазар цената на барелот се лизна за 0,51 отсто на 108,20 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 0,75 отсто на 103,45 долари.
И додека високата инфлација и растот на каматните стапки ги држат инвеститорите на нивните прсти, вчерашниот раст на Волстрит ги поддржува пазарите, најмногу благодарение на корекцијата на цените на акциите во технолошкиот сектор по тридневен пад.
Во последниве недели, Волстрит беше под притисок поради високата инфлација во САД и стравувањата дека ФЕД ќе ги зголеми клучните каматни стапки поагресивно од очекуваното.
Во вторникот беше објавено дека потрошувачките цени во март пораснале за 8,5 отсто во однос на истиот месец минатата година, што е највисока стапка на инфлација од 1981 година.