Цените на храната ќе растат и до 50 отсто

by Fokus

Драстично поскапување на храната, во некои сектори и 40 – 50 отсто, најавуваат преработувачите. Тие бараат итна средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи за изнаоѓање соодветни решенија кои би го ублажиле ударот од ценовниот шок врз потрошувачите.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, со оглед на светските трендови поскапувања секако ќе има, но колкави ќе бидат, најмногу зависи од државата и од тоа, какви одлуки ќе се донесат.

Цените само на сувомесните производи се очекува да се зголемат за 20 – 40 проценти, но зголемување на цената ќе има и кај лебот.

Комората ќе предложи повторно да се активира кампањата за купување домашни производи.

-Целата прехранбена индустрија бара од Владата да и се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени. Ако суровините минатата година поскапеа до 40 отсто, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40 – 50 проценти, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. Додека домашните малопродажни синџири кај нас се уште молчат и тивко покачуваат цени, супермаркетите во САД и Велика Британија отворено објавуваат дека цените на храната ќе растат наесен. Комотни се и големите синџири на маркети, но на крајот ќе мора да реагираат, истакна Васко Ристовски од Комората.

Домашните компании од преработувачката индустрија, потенцира, се соочуваат со зголемување на цените на суровините. На фармерите основните производни трошоци им се зголемени за 70 – 80 проценти, поскапени се и фолиите, енергенсите. За 10 – 11 отсто се зголемени директните трошоци во млечната индустрија, а од друга страна и фармерите притискаат. Слична е ситуацијата и во месната индустрија. Сите се залагаат за плаќање по квалитет, но засега ваквата трансформација оди бавно.

Тој додаде дека драстично поскапеа житарките и маслодајните семиња. Нивните цени во моментов се повисоки за 20 до 100 проценти отколку пред една година. Со оглед дека житарките и маслата се составен дел на многу прехранбени производи, се стравува дека скокот на нивните цени ќе предизвика бројни поскапувања на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните.

Ристовски обвини дека државата нема слух за укажувањата на секторот. Проблем е, рече, и тоа што примарното производство (суровините) се во ингеренции на Министерството за земјоделство, а преработките во Министерството за економија, па наместо на еден, проблемите мора да се решаваат на два фронта кои често не се усогласени.

-Како држава сме зависни од увоз според потребите и тоа од 120.000 тони пченица поради квантитавиен и квалитативен кусок, како и пченка од 70.000 тони. Во исто време цената на превозот се зголеми за 20 отсто, додека електричната енергија за правните лица кои купуваат на слободен пазар за 100 проценти. Брашното поскапе 20 проценти за 12 месеци. Во исто време, цената на увезеното српско брашно, од 212 евра за тон во 2020 година, се зголеми на 280 евра оваа година или за 68 евра. Многу производители на млеко со ужас забележуваат дека цената на килограм добиточна храна се приближува до цената на литар млеко, што да биде уште полошо, се намалува во последните месеци, создавајќи се поголеми загуби за нив, истакна Ристовски.

Стопанската комора смета дека се наметнува потреба од интервенција на државата во делот на субвенции, но ако тие имаат краен ефект. Во оваа смисла предлага, наместо на производителите, поддршката да се дава на преработувачите, но тоа да биде контролирано.

 

Поврзани новости