Цената на струјата од 1 јануари се зголемува во просек за 0,92 проценти

by Fokus

Цената на електричната енергија од 1 јануари ќе се зголеми за 0,92 проценти во просек, информираше Регулаторната комисија за енергетика која за првпат донесе одлука во која е искористен контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електричната енергија.

– ЕВН Хоум достави одлука на контрола и на разгледување во Регулаторната комисија и согласно нивното барање цената на домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. Немавме разлики во најголем дел за трошоците за набавка, во однос на количините, преносот. Единствена разлика беше факторот на корекција преку кој обезбедуваме ценовна стабилност и цени кои ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за струја на граѓаните.

Како што ветивме, просечната цена се зголемува за 0,92%. Пррвиот блок за 0,68 отсто, вториот блок за 0,9 отсто, третиот блок за 1,93%, четвртит блок 2,24%, а евтината тарифа поскапува за 0,9 проценти – истакна првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тоа значи дека на едно просечно домаќинство кое ќе добие сметка од 2300 денари, трошокот за електрична енергија ќе му се зголеми за околу 21 денар.

Бислимоски додаде дека со оваа одлука на РКЕ се враќаат и 65 милиони денари долг кон ЕВН, а ќе бидат вратени уште 135 милиони денари, но чекор по чекор за да нема никакво влијание врз крајните потрошувачи.

– Очекувам дека за максимум за 6-7 години тоа ќе го порамниме, имало и периоди од 2016,2017, 2018 кога од страна на ЕВН имало средства кои не им сме ги одзеле сите одеднаш. Целта на регулаторот е да не предизвика ценовни шокови – рече Бислимоски.

Мрежарината за сите блокови е по цена од 2,14 денари за киловат-час. Во првиот блок новата цена е 4,44 денари и заедно со мрежарина  од 2,14 денари, изнесува 6,58 денари за киловат а претходно беше 6,53 денари.

Во втор блок збирната цена на киловат-час е 7,71 денар, а претходно била 7,64 денари. Во трет блок цената ќе биде 9,57 денари за разлика од досегашните 9,39 денари. Во најскапиот чеврти блок новата цена е 20,4 денари, а претходно била 20 денари.

И новата цена на евтината тарифа е 4,12 ден, а претходно 4,08 денари.

Со минатата одлука беше намалена мрежарината во делот на дистрибуција и практично тоа овозможи РКЕ да има покомотна позиција при носењето на одлуката за цената на струјата.

Орце Костов

Поврзани новости