Цената на газдите ја кренаа, а на новинарите во провладините медиуми им ги симнаа гаќите!

by fokus

Текстот е објавен на осми април 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 823

Кога при сета беда и сиромаштија, новинарите и медиумските газди ќе станат доминантна тема во партиските престрелки, тогаш јасно е дека тие се трансформирале во главната алатка за заблудување или за освестување на граѓанството, зависно од кој агол набљудувате.

Она што на времето го осознал Гебелс, го фураше Агитпропот на комунистичките диктатори, во Македонија одлично, дури до перфекција, го препороди токму режимот на Груевски. За волја на вистината, зачетоците во плурализмот ги удри екипата од Бихаќка, но, вистински бум и ренесанса пропагандизмот поставен на корупциски темели доживува во портокаловото доба. Дури дотаму што и Бранковци делуваат како маченца за овие вмровски ајкули!

Оттаму, не изненадува што во ова предизборно – „да се биде или не“ Јово Манасиевски прогласува новинари за доживотни кустоси во музеите на Груевски и Црвенковски, сдсмовскиот подмладок прави пародија со маски на лицето со фаци на неколку познати новинари, Груевски е во катадневна војна со „непрофесионалците“ од медиумите на Рамковски… Во меѓувреме, пак, трае натпреварот меѓу Фабриката на Бучковски и Републиката на Груевски, како и надвикувањата дали Пристоп на Црвенковски или милионските владини бесмислени кампањи се факторот што повеќе ги корумпирал медиумите!

КОЈ Е ПОКОРУМПИРАН?

И, додека ретките медиуми се обидуваат да ги пребројат силните суми што од државното чекмеџе се слејаа кај омилените ТВ куќи на Груевски, оние провладините парираат со „надежниот“ серијал со аферата Пристоп, обидувајќи се да ја поврзат агенцијата за кабинетот на поранешниот претседател Црвенковски. Па, дури ни открија дека во некоја од понудите на Пристоп до кабинетот на Црвенковски пишувало дека агенцијата располага со елоквентни и лојални новинари од најразлични области и за нивната работа било планирано да се исплатат околу 4.000 евра, за нарачани интервјуа и новинарски текстови!

Бог да чува, божем на провладиниве гледаме саде ненарачани интервјуа. Особено што и Грујо единствено ужива во ненарачани интервјуа кои му ги овозможуваат, ненарачано нормално, неговите омилени медиуми. Нејсе, за нив се тема стотиците илјади евра на Бранко, ама не и милионите евра народни пари за разно-разни владини пропагандни измишљотки, оти веројатно сметаат дека сите ние треба да ги плаќаме нивните коруптивни релации со власта. Да, ако Груевски ги обожува, паѓа во транс од нивниот професионализам, тогаш бујрум – нека плаќа од сопствен или партиски џеб. Вака да се џилиташ и расфрлаш со пари од граѓаните и да ги насочуваш кон своите пријатели, е коруптивен скандал пар екселанс!

Во секој случај, следејќи го овој моден тренд, одлучивме да ја лоцираме дилемата: Кој е покрумпиран – новинарите или газдите? Кој е полесен за „обработка“? Каква пазарна цена достигнаа новинарите и медиумските газди за троа љубов и поддршка на Пастирот? Да бидам искрена, авторското право за овој тип прашања му припаѓа на незаменливиот Шеф на кабинет на Груевски, Мартин Протоѓер, патем и Шеф на изборниот штаб на портокаловата машинерија!

Имено, кога на своето последно обраќање пред пратениците како шеф на државата, Црвенковски посочи дека со огромни државни пари преку формата на бесмислени владини кампањи се придобива поддршката на сопствениците, односно се корумпираат медиумите, Протоѓер преку колумна во еден од медиумите на Керим ќе реплицира: „Зошто никој не го праша Црвенковски, кој е тој од медиумите што е корумпиран: новинарите или сопствениците“. Небаре последиците од ваквите „бизнис“ релации се драматично различни по демократијата!

И еве, ние не го прашавме Црвенковски, но се обративме до неколку јавни личности со „дилемата“ на Мартин Протоѓер, иако, убедена сум, дека и самиот Протоѓер би можел цел роман во три тома да состави на оваа тематска „писмена работа“. Сепак, уметничкиот „дојам“ е дека веќе нема невини во приказната, со тоа што Груевци ги нарушија троа пазарните вредности. Последниве години скокна цената на медиумските газди, како што стана посурова и казната за нелојалните и непослушните!

На ступидарната теза од епохално значање на генсекот на ДПМНЕ, како било „нонсенс дека преку кампањите вршат влијание врз медиумите“ и не вреди многу да се троши простор и време. Тие не вршат влијание преку кампањите дури ни на гледачите, особено кога се ептен „забегани“ туку парите што се слеваат на одредени медиумски адреси се само „вратка“ за претходно договорената поддршка на владините политики. Јас на тебе, ти на мене – просто ко гравче. А по дефиниција, тоа му доаѓа како коруптивна зделка!

НАРОДНИ ПАРИ ЗА ПАРТИСКИ ДОЛГОВИ

Има три моменти кои апла фрлаат сериозни сомнежи за коруптивната срж на манијакалната опседнатост на Груевци со владините огласи. Прво, фактот што тешко дека ќе најдете логичен и пазарен критериум според кој се делат овие буџетски пари на одредени медиуми, а особено што вкупната сума се таи, небаре е рецептот за Кока- Кола. Не, не мислев за „брендот на Преродбата“, оти рецептот за Амди Бајрам е веќе дешифриран!

Второ, Велија Рамковски пред апсот обелодени дека со народни пари ВМРО-ДПМНЕ ги плаќала и партиските реклами. И трето, токму преку изборните попусти што Груевци потоа ги добиваат за предизборно рекламирање во некои медиуми, фино се наѕира корупциската нишка.

Да одиме по ред. Владата која прецизно знае колку чини страница Надеж, а провладините медиуми секогаш, нели, согласно законот за слободен пристап до информации, ги имаат сите детали и суми за Бранко, никогаш не успеа да пресмета колку го олеснила државното кесе за оваа нејзина омилена направија – рекламерството. На оваа тема не сакаа да проговорат ниту клиентите, вадејќи се на штосот – деловна тајна. Деловна тајна за народните пари!? Е, кога дојде нож до коска, кога се спукаа меѓу себе, тогаш настана уште поголем хаос. Кој знае луѓе мои, како се сметаат секундите во владиниот агитпроп?!Конкретно, деновиве А1 извади податок дека кај провладините Сител и Канал 5 за нецели три месеци од оваа 2011 година, владата „лупнала“ 2.174.000 евра. Есапот го правеле според официјалните ценовници на медиумите, па заклучиле дека за пет владини кампањи, за првите три месеци од годинава, во Сител отишле 1.141.000 евра, а на Канал 5 – 1.032.000 евра. Додека кај нив, како највлијателната и најгледана ТВ А1, завршиле само 138 илјади евра.

Но, Канал 5 остро ги демантираше ваквите бројки, што биле наведени „во нивните емисии за политички маркетинг кои тие ги нарекуваат вести“! Уф, стварно така ги окарактеризираа најгледаните вести во земјава! И потоа ќе наведат дека Канал 5 за наведениот период добил по оваа основа вкупно 160 илјади евра од владиниот буџет!

Навистина е збунувачки како се сметаат сумите, оти очигледно ценовниците изгледа не важат за Груевски. Слична ваква контроверзна пресметка гледавме и пред неколку месеци. Тогаш повторно телевизијата на Стојменов, повикувајќи се на официјалните финансиски извештаи доставени од медиумите на Рамковски до Централниот регистар, ќе навезе дека само последните три години, од реклами од владата и министерствата Рамковски заработил околу 20 милиони евра. Уште повеќе, само во 2009 загрижената конкуренција во Петка ќе открие дека медиумите на Велија добиле од буџетот фантастични 8 милиони евра. Згора на тоа, ќе прашаат колку ли пари заработил во двете години кога отворено соработувал со власта?

Ако овие суми се припишуваа на медиумите на Велија во множина, и според податоци од Централен регистар, Рамковски во последното интервју за Фокус изјави дека од 2006 до декември 2009, Владата имала платено 4,5 милиони евра на А1. Прецизираше дека станува збор за вкупно 4 милиони евра, а 225 илјади евра од ВМРО-ДПМНЕ, за што постоеле и документи. Но, она што прозвучи скандалозно е дека од тие 4,5 милиони евра, 1,2 милион евра биле платени од владата како за рекламирање на владините проекти, ама всушност затворале долг на ДПМНЕ. Како одела таа шема? На пример, ако 100 илјади евра чини кампањата, властите даваат 150 илјади евра, ама оние 50 илјади евра требале во телевизијата да ги сметаат дека се за долгот на партијата кон А1!

ХОХШТАПЛЕРАЈОТ ЦАРУВА

Иако Рамковски повикуваше да се испита оваа криминална шема, нудеше документи, сепак, најгласен е молкот од надлежните. Затоа на последните пратенички прашања, Манасиевски побара одговор од обвинителот Шврговски, дали, како што ветил, отворил постапка по оваа изјава на Рамковски? Лидерот на ЛДП дури саркастично искажа изненаденост што во шематскиот приказ на МВР за Пајажината нема сликичка на ВМРО-ДПМНЕ или на надлежниот функционер, алудирајќи на генералниот секретар на партијата, Протугер. Откако Шврговски беше предупреден од спикерот Вељановски што смее да говори, обвинителот срочи нешто во стилот на Јанкуловска „согласно уставот и законите“! Важно не разбравме дали ја истражуваат оваа работа или ќе победи „хохштаплерајот“ што би рекол премиерот!

Значи, сите сомнежи дури и конкретни изјави на „инсајдери“ остануваат настрана од љубопитноста на институциите. Владата молчи за сумите, газдите удираат математика секој според некакви свои равенки и ценовници. Критериумите затоа се можеби и најјасниот момент од целава „спрдачина“. Владините рекламни пари се како измислени за поддржувачите на преродбата. Нормално, чат-пат, ќе падне троа нешто и за другите, колку демек да не биде се апла.

И, наместо да баратаат со цифрите како да се на шведска маса, па си земаш што си сакаш, би било интересно да се спореди и дали Петка додека беше опозициска кон Груевски, во 2007 и 2008 – до предвремените парламентарни избори – добиваше со вакво темпо како сега. Како што разбравме дека Рамковски додека беше верен поддржувач на Преродбата котираше многу, многу подобро во рекламниот бизнис потфат на оваа власт!

Но, доаѓаме до третиот момент каде можеби и треба да се бара коруптивната спојка меѓу власта и медиумите. Ако власта фрла милиони евра во медиумите за владините кампањи, не се ни медиумските тајкуни штедливи за Грујо. Тие, батка, даваат попусти кога партијата на Груевски треба да се рекламира за избори, дури и до 90 отсто. На пример, според официјални, но штури извештаи на ДПМНЕ, за претседателските и за локалните, партијата потрошила околу 1,3 милиони евра за рекламирање, но, затоа само од четирите главни национални концесионери, добила околу 6,5 милиони евра „донација во услуги“ како што се именуваат попустите во ТВ рекламирањето!

Најмногу „беспари“ реклама ВМРО-ДПМНЕ во 2009-та добила во ТВ на Стојменов – околу 4 милиони евра. Втор голем медиумски донатор беше ТВ на Рамковски со околу 1,6 милиони евра за двете кампањи. Сител на Ѕинго, пак, партиципирал со двојно помалку од Велија, или со околу 800 илјади евра. И кога само медиумите ќе ве почестат со неколку милиони евра за најбитната ставка на секој изборен процес – медиумско рекламирање, а некои други нема да добијат таков „мегдан“, тогаш за какви фер избори зборуваме?! И потоа, само треба да се види дали и колку на ваквите галантни ТВ куќи владата им лупнала владини реклами! Има ли тука – „на ти го – дај ми го“?! Но, ете, ова до сега не беше предизвик дури ни за антикорупционерите!

ЗАШТИТЕН СО „ПОЈАС НА НЕВИНОСТ“

Патем, занимливо е дека одреден медиум можеби нема да добие ни „цркавица“ од маркетиншкиот владин колач, ама тоа нема да се смета како доволна казна за газдата. Оти, колку-толку, вака или така, ја нарушува идиличната слика за премиерот и фамилијата. Тогаш има сценарио Б, кое оди на тоа да се притисне газдата да го продаде медиумот или да се држи на узда со одредена „бизнис“ мака. Така некако наликува случајот со ТВ Алфа и обидот да се продаде на ТВ Пинк, кој напрасно пропадна, иако беше доведен до финиш. Патем, оспорената приватизација на Фершпед ја тера првата петолетка пред судот, колку што трае и Преробата,. И, глеј чудо, никој, па ни Маневски не се буни што предметот заглави во судот!!!

Ајде тука да удриме уште една споредба со хрватскиот скандал Фими медија, ПР агенција преку која всушност се рекламирале институциите под капа на луѓето од владеачката ХДЗ, ама и се финансирала партијата „на црно“. Неодамна, според наводите на хрватскиот печат, бил распрашан од истражните органи поранешниот гласноговорник на владата на Иво Санадер. Наводно, тој признал дека Санадер со пари од црните фондови на ХДЗ купувал локални медиуми. Она што е ептен забавно, е зошто, на пример, Санадер се одлучил за купувањето на опскурниот задарски неделник, Хрватски лист? Причината била поради тоа што овој весник често го прозивал и го исмејувал. Затоа портпаролот примил 3 милиони куни, што ги предал на еден адвокат, кој потоа нашол купувач за весникот и ги договорил сите детали со тогашниот сопственик и главниот уредник. Значи, за сѐ имало чаре!

Корупцијата на медиумите, политиколозите ја проучуваа и преку режимот на Алберто Фуџимори. Авторитарниот режим на претседателот на Перу го собори всушност единствената независна и некорумпирана телевизија, во сојуз со некорумпиран политичар. Инаку, за валканата работа бил надлежен шефот на тајната полиција, левата рака на претседателот, Владимиро Монтесинос. Токму тој беше централната фигура во скандалот што ја собори власта на Фуџимори во 2000-та, кога беше обелоденет видеозаписот како тој го подмитува политичарот од опозицијата. Потоа, излезе на виделина дека биле исплатени милиони долари мито на извршни директори на ТВ куќи за да ја обезбеди нивната поддршка за кандидатурата на Фуџимори на изборите во 2000-та!

Сепак, колку се важни медиумите за одржување на еден режим, најдобро покажува тарифникот на Перуанецот. Највисока цена имале токму медиумските газди и новинарите. Плаќањата за одредени ТВ куќи само месечно достигале до милиони долари. Тарифата на потплатените политичари се движела меѓу 5.000 до 20.000 долари. Судиите, пак, биле најефтини – меѓу 5 до 10 илјади долари!

Се разбира, сѐ додека Шврговски е обвинител, а Мирјана Димовска репер на Преродбата за антикорупционер, додека Груевци ги држат сите институции со свои лојални луѓе, што сите заедно прават „појас на невиност“ на премиерот, сите овие податоци и сомнежи ќе служат само да си ги чешаме јазиците без никаков ефект. Освен, се разбира, некоја тужба за клевета и навреда да ќариме. Е, откако ќе ја загубат власта, а со тоа и моќта да ги прикриваат и забошотуваат аферите врзани за врвот на партијата, граѓаните ќе можат да дознаат колку ги чинело задоволството наречено Преродба. Тогаш ќе може точно да се пребројат народните пари изразени во милиони евра – каде и како завршиле. До тогаш, Груевски и натаму ќе биде заштитен со непробојниот „појас на невиноста“!

Ивица БОЦЕВСКИ, екс-вицепремиер
РИБАТА СМРДИ ОД ГЛАВАТА

Многу добро ја познаваме техниката на производство и пласирање на вести, така што во Македонија „рибата смрди од главата“ и корупцијата треба да се бара, пред сѐ, кај сопствениците и кај врвното уредништво на медиумите.

Груевски и Црвенковски, за жал, сѐ уште го замислуваат новинарството како „печуркарство“. Тука не станува збор за стремеж кон објективно новинарство, коректор на јавната сфера и на политичарите, туку за целосна контрола на јавно искажаниот збор и на мислата. За жал, сметам дека со секој нареден изборен циклус само се креваат трошоците за корупција на медиумите, а никако да видиме движење во јавноста, цивилното општество, политиката, или, пак, и во самите медиуми, кое ќе се залага за темелна реформа и ставање точка на ваквите девијации.

Апсолутно дека цената во последните изборни циклуси е зголемена, но, како што може да се забележи, таа расте експоненцијално со секој нареден изборен циклус. Впрочем, забележувате дека последните крупни скандали се поврзани токму со работењето на ПР-агенциите, кои се стратешки и кадровски сраснати со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ!

За колку денес се „купува“ новинар, а за колку газда на медиум? За сумите ќе мора да се обратите на „господарите на темнината“ лоцирани во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи во недостаток на објективни пресуди од надлежни судски органи, можеме само да ги претресуваме анегдотите, но дефинитивно дека бројките се движат во милиони. Воедно, втората адреса би биле добро познатите активни, пасивни, поранешни и сегашни разузнавачи и ним прикачени партиски и чаршиски структури, кои се одговорни за „печуркарскиот“ дел на работата!

Есад РАХИЌ, екс-пратеник
НОВИНАРИТЕ ПОЕФТИНИ, ГАЗДИТЕ „ПОМРСНИ“!

Кој е покорумпиран? Апосолутно газдите, затоа што точно се знае кои се нивните потреби, кои се нивните можности, особено што истите тие, нормално, ги контролираат и новинарите!

Никола Груевски со неговиот Пинокиовски начин на владеење, каде што со максимален напор, еден корумпиран и криминоген систем на владеење се обидува да го претстави како успешен, ја дигна цената на медиумите во недоглед, особено ако во истиот момент се појавува друг медиум кој што не е под негова контрола.

Да расчистиме. Прво, најголемиот дел од новинарите се чесни и си го заработуваат чесно своето парче леб, има околу 10-ина новинари чија што цена е малце повисока. Цената за новинарите (нормално оние што се такви) се движи од неколку стотици евра, скап часовник, вработување на брачен другар, решавање на станбено прашање, докомплетирање на образование… Меѓутоа, тоа е само за овие 10-ина луѓе кои што се препознатливи и меѓу граѓаните и меѓу новинарската фела.

Што се однесува до газдите, тука веќе залчињата се поголеми и помрсни. Компанија која што има државен капитал, добива налог да се рекламира на приватна телевизија со национална концесија, или, пак, на тендер тежок неколку десетици милиони евра победува фирмата на газдата на телевизијата, иако не е најдобра, и за контрауслуга на тоа, животот на граѓаните на овие телевизии или медиуми станува портокалов, многу поубав, полесен, побогат..!

Бранко ГЕРОСКИ, главен и одговорен уредник на Шпиц
ЗАРАБОТУВААТ ПРИВИЛЕГИРАНИТЕ ПОРУЧНИЦИ НА ВЛАДИНИОТ АГИТПРОП

Ако порано сведочевме само за корупциски инциденти во новинарството, за поединци кои своите услуги во политичката пропаганда ги наплаќаа во кеш, во натура или со други привилегии, денес веќе зборуваме за институционализирана корупција на медиумите. Денес владата легално и политички неказнето истура милиони евра во телевизиите и во весниците што и се наклонети.

Внимавајте, ние доживеавме главниот менаџер на една голема медиумска куќа да ги убедува своите уредници и новинари дека мора да бидат блиски со владата, бидејќи таа им давала реклами и со тоа ги одржувала во живот. Наместо едно такво јавно признание за метастазирана корупција да биде јавно осудено и веднаш да се поведе постапка во Антикорупциската комисија, новинарите, за жал, го одмолчаа тој срамен настан!

Што се однесува до цената на новинарите и на медиумските газди, јас сум убеден дека таа, како и цената на било која друга стока, се формира како однос меѓу понудата и побарувачката. Ќе ви давам еден пример. Некаде кон крајот на деведесеттите, газдите на Дневник се соочија со еден таков непристоен обид да се купи нивната наклонетост. Нашиот одговор беше едноставен – нема цена по која сме спремни да си ја продадеме честа. Сега, пак, кога газдите и новинарите сметаат дека е „нормално“ со својата наклонетост кон владините политики да си обезбедуваат реклами за опстанок, џепарлаци и други привилегии, значи кога понудата е поголема од побарувачката, цената природно паѓа!

Имам впечаток дека со исклучок на неколкуте привилегирани поручници на владиниот агитпроп, кои и самите јавно се пофалија колку многу заработуваат, огромното мнозинство новинари во провладините медиуми веруваат дека нивната плата и голото прежививање се доволно добар поткуп за нивната апологија на власта. Тоа навистина е тажно!

Ким МЕХМЕТИ, публицист
„ПАВЛОВИЌЕВАТА“ МАСТ Е ЕФИКАСНА САМО ЗА БЕБЕШКИ ЗАДНИК!

Како класичен, но повеќе смешен одошто вистински диктатор, Груевски ги доведе газдите на медиумите пред искушението: Да го изберат затворот во Шутка, за на тој начин да ја наплатат независноста на своите медиуми, или милионските парични награди за нивните медиуми да ги претворат во портпароли на Груевски. Изборот е направен, и сега некои се во затвор, а некои ја наплатуваат послушноста кон Груевски. А притоа, губитници се новинарите, губитник е овдешната јавност која веќе е вовлечена во информативниот тунел на Груевски!

Долгорочно гледано, не се толку оштетени медиумите на кои Груевски им ги блокира жиро сметките, колку медиумите на кои им е блокиран мозокот и независноста, на кои засекогаш им е скршен професионалниот рбет. Односно, Груевски не ги уништува само медиумите чии жиро сметки ги блокира, туку, пред се, медиумите на чии жиро сметки се прелеваат милионски суми народни пари, а со цел да прифатат да бидат „владини ѕидни весници“. Еднаш изгубената доверба кај гледачот или читателот е безмалку засекогаш изгубена доверба!

Но, притоа не треба да се биде наивен: некои медиуми во Македонија се основани само заради бизнис интересите на нивните газди, за газдите на тие медиуми да имаат со што да ја корумпираат власта, за потоа таа иста власт, да им возврати со корумпираност. Тоа е затворен круг: таквите медиуми ги затскриваат неделата на власта, а власта ги толерира безаконските дејанија на газдите на тие медиуми. Така се врши двојно корумпирање!

За колку денес се „купува“ новинар, а за колку газда на медиум? Секој човек има цена. Но најскапи се луѓето што ги продаваат своите професионални способности, но не и професионалната етика, не и душата, не и човечноста што ја имаат. Не е срамно да се работи за провладин или партиски медиум, но нечесно е тоа да го правите, а да им продавате морал на тие кои пред се им се потчинуваат не некои новинарски професионални стандарди. Македонското новинарство е поразено од политиката уште во мигот кога нејзините стандарди почнаа да ги одредуваат луѓе што не знаат дека „павловиќевата“ маст е ефикасна за бебешки задник, а не за црвенилото во професионалниот новинарски образ!

Владо БУЧКОВСКИ, екс-премиер
ГАЗДИТЕ СЕ ПОКОРУМПИРАНИ

Според мене, полесни за купување се новинарите, а покорумпирани се газдите на провладините медиуми.

Груевски ги натера новинарите во провладините медиуми, да ги симнат гаќите, а ја крена цената кај газдите. Колкава им е цената? За поголемиот газда – 3 пратеници и еден министер. За помалиот – 1 пратеник и една кривична пријава во фиока. За главниот уредник на поголемиот газда – 4.000 евра плата, според негово кажување, и плус најнов модел на џип секоја втора година, и уште еден плус – бизнис за фирмата на братот. Уредникот кај вториот, помалиот газда, е всушност Мартин Протугер!

За крај, колку од силните милиони евра за владините кампањи останаа кај газдите на провладините медиуми ќе се види по изборите на 5 јуни, после промената на власта!

Поврзани новости