Цената на гасот над 2.000 евра, како Европа ќе ја дочека зимата

by Fokus

Гаспром ја запре и втората турбина на гасоводот Северен ток 1. Испораките преку тој гасовод до Европа од јуни се на 40 проценти, а сега се преполовени. Неизвесноста во снабдувањето и намалената понуда на руски гас на европскиот пазар ги разбранува и берзите – гасот поскапе за повеќе од 300 долари за еден ден, цената надминува 2.300 долари.

Испораките на руски гас во Централна и Западна Европа се намалуваат. Клучниот гасовод „Северен ток 1“ работи само со петтина од својот капацитет. И политичките тензии меѓу партнерите на гасоводот, Русија и Германија, продолжуваат.

„Газпром испорачува колку што е можно повеќе. Знаеме дека сега техничките можности за пумпање се намалија. Гаспром беше и останува сигурен гарант на сите свои обврски. Но, не може да гарантира пумпање ако увезените агрегати не можат да се сервисираат поради европските санкции“, вели Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

„Не гледаме никаква техничка причина за ова. Турбината е таму. Таа е сервисирана. Значи, од наша гледна точка ништо не стои на патот на транспортот на турбината во Русија“, рече Кристијане Хофман, портпаролка на германската влада.

Заштедата на гас и взаемната помош на членките во случај на недостиг сега е приоритет за Брисел. Грција е среќна што е изземена од тој кризен план бидејќи 70 отсто од електричната енергија ја добива од гасните постројки. Шпанија, како и Португалија, е задоволна – нема да мора да штедат 15 проценти од гасот, туку само 7 проценти, бидејќи со соседите не се многу поврзани со гасоводи, но имаат големи планови.

„Имаме важна инфраструктура за регасификација во Европа, најважна во Европа. Мислиме дека Шпанија има можност да стане центар на природен течен гас што ќе можеме да го извезуваме и да стане алтернатива на рускиот гас за многу земји на Европската унија“, вели шпанскиот премиер Педро Санчез.

Германската влада го осудува натамошното намалување на испораките на руски гас преку Северен тек 1. Тие сметаат на повеќе гас што доаѓа од Словачка и други извори.

„Ќе тече гас. Повторно имаме други можности од Норвешка, од Холандија и терминалите за ЛНГ што ги градиме во најбрз можен рок. Капацитетите за складирање се полни 65% и ќе се полнат повеќе. Ќе има гас, но гасот повеќе нема да има евтина цена. Мораме да заштедиме, а тоа вклучува и економично греење“, вели Роберт Хабек, министер за економија и енергетика на Германија.

Но, реалноста веќе ги загрижува бизнисмените бидејќи поради прекини во снабдувањето и високите цени на гасот, тие веќе прават кратења во бизнисот.

Најголемите германски производители на амонијак го намалуваат производството. Ова ќе ја загрози и индустријата на вештачки ѓубрива, пластика, нафтени деривати, месо и газирани пијалоци, бидејќи амонијакот е суровина без која не можат да работат.

Поврзани новости